Со реализацијата на овој проект, според него ќе се подобри имиџот на градот, посебно во делот на бројните поплаки кои до локалната пристигнувале од туристи кои престојувале на плажи со приватни концесионери.
Разубавување на просторот кај Лагадин, решавање на грдата слика со колекторскиот систем на тој потег, а воедно и нудење на плажа со слободен пристап за сите граѓани и туристи, без наплатување за реквизити за одмор. Ова се благодетите кои според градоначалникот Никола Бакрачески, Охрид ќе ги добие со изградбата на плажата во Лагадин. Тој потенцира дека локалната иако директно не учествува во реализацијата на проектот, како одговорна самоуправа презеле обврска да ја следат неговата реализација во сите фази од проектот кој ќе се прави со државни пари.
„Лично мое убедување, а и убедување на стручните служби во локалната самоуправа е дека еден ваков проект во кој би се изградила плажа која би била ослободена од концесионерство и во која што ќе има слободен пристап на сите граѓани на Охрид и сите гости и туристи кои конкретно сакаат да престојуваат на тој потег и тоа како значајно ќе го подобри имиџот на градот Охрид. Сметаме дека тоа ќе биде и еден поттик за останатите концесионери да по примерот на оваа плажа ги регулираат односите онака како што тие произлегуваат од договорот кој што тие го имаат потпишано со закуподавецот.“-вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Неможност на поставување крпи, простор зафатен од реквизити за кои се плаќа, лежалки за чие користење се плаќаат високи цени. Според Бакрачески, овој проект меѓу другото е и еден начин на кој тие ќе се обидат да се справат со бројните негативни поплаки кои ги добиле од охриѓани, домашни и странски туристи околу услугите кои ги добиле на плажи со приватни концесионери.
„Мора да се замислиме ако се тие многу чести забелешки дека треба нешто да се преземе, да се корегира или да се изнајде начин како тоа да се надмине. И ред други забелешки кои беа и доста непријатни за некои од гостите заради кои сведочат и писма кои се пратени во локалната самоуправа во кои тие се жалат на некоректниот однос на концесионерите на охридските плажи во кои имавме дури и ситуации и во кои и наши сограѓани, и странски туристи буквално беа физички бркани од плажите затоа што внесле некој прехрамбен артикл или носеле свои реквизити за одмор.“-рече Бакрачески.
Инаку изградбата на Медитеранската плажа е проект на Владата кој ќе чини 75 милиони денари. Нејзиното градење е планирано помеѓу хотелот Два Бисери и кампот Елешец во должина од 500 метри. По целата должина на плажата ќе бидат посадени палми кои треба да го донесат духот на медитеранот. Но токму тој медитерански дух е проблемот за кој реагираат еколозите. Според граѓанската иницијатива „Охрид С.О.С“ секоја изградба на плажи носи нарушувања во целиот околен еко систем.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град