Речиси сите основни училишта во градов се покриени со азбестни плочи кои не се променети со децении. Дали конечно ќе се изнајдат средства за замена на овој радиоактивен материјал.
Децата сеуште учат под азбестни покриви. Речиси сите основни училишта во градов се покриени со азбестни плочи кои не се променети со децении. Знаејќи ги штетните последици од азбестот кој е радиоактивен материјал ова е податок кој сите сериозно треба да не загрижи. Во основното училиште „Григор Прличев“ директорката Силвија Мојсоска вели дека и двете згради се покриени со азбест. Постарата зграда е од 1959 год. И тогаш покривот бил направен со азбестни плочи. И после реконструкцијата која била направена во меѓувреме тие не биле отстранети. И новата зграда која е изградена 1990 год е покриена со овие канцерогени плочи.
–Уште пред три години изработен е проект во нашето училиште со кој е аплицирано во Министерството за образование за промена на азбестните плочи во двете училишни згради. Проектот е прифатен и очекуваме да се реализира, вели Силвија Мојсоска-директорката на ОУ “Григор Прличев“
Иста е ситуацијата и со училиштето Братство единство кое се наоѓа во Лескајца. И таму повеќе од дваесетина години учениците учат под азбестни плочи.
-Неколку пати имаме поднесено барања до Министерството. Направени се проекти уште пред три години, влезено е во програмата за промена на кровната конструкција, но уште конкретна реализација нема, вели Муамер Доко- директор на ОУ „Братство Единство“.
И најмалите дечиња кои се згрижени во претшколската установа градинката „Јасна Ристеска“се изложени на опасност од радиоактивно зрачење од азбесните плочи. Објектите на градинката „Развигорче“ и „Лихнида“ се покриени со овој опасен материјал.
–Сите институции се запознаени со проблемот. Доколку Министерството и Локалната не ни излезат во пресрет ќе изнајдеме начин од сопствени средства да ги смениме покривите, вели Розе Костоска- директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.
Од локалната велат дека добро им е познат овој проблем. Тие подолг период наназад изготвувале проекти со кои аплицирале до Министерството за образование за добивање средства за оваа намена.
–Изготвени се барања и запознаено е Министерството за образование за да се обезбедат средства за менување на покривите, но знаете тоа многу чини. Се прават напори со програмата за образование за 2014-2016 сите азбестни покриви во училиштата да се заменат, вели Томе Џамтоски-портпарол на Локална самоуправа.
Инаку, азбестот е опасен тогаш кога се наоѓа во атмосферата и кога се вдишуваат неговите микроскопски влакненца што предизвикуваат три вида заболувања познати под групното име азбестоза, односно специфични кожни болести, како и малигни тумори на белите дробови.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град