Советот на општина Охрид ја одржа својата редовна седма седница. Бурна расправа се отвори по точката на деневен ред која се однесува на програмата за управување со отпад на општина Охрид за период од 2018 до 2020.
Конкретни датуми за чистење на дивите депонии, како и утврдување на бројот на такви депонии на територија на општина Охрид, побараа од советничката група на ВМРО – ДПМНЕ, од изготвувачот на програмата на денешната седница на Совет. Илија Арнаудовски истакна дека точката која се однесува на Предлог планот за управување со отпад на општина Охрид за период 2018 – 2020 е само замајување на јавноста дека ќе се реши проблемот со отпадот и смета дека јавноста мора да биде запозната со тоа. Додаде дека предложената мерка за санација на депониите со воведување на системот на собирање, транспортирање, депонирање на комуналниот отпад нема да го реши овој горлив проблем.
„Кај да се свртиме во Охрид има депонии. Една од тие депонии е во селото Рамне. Секој граѓанин во Охрид го знае тоа. Имамвме одговор од директорот дека тој ја знаел депонијата и требало да се пријави. Во програмата за мерки за санација пишува дека е сведена таа појава на минимум а свесни сме дека не е така“.
Во врска со прашањето за дивите депонии, во руралните средини, посебно за оние кои што се во туристичките населби својот став го изнесе и директорот на ЈП Охридски Комуналец, Љупчо Грданоски.
„Дивите депонии се наша реалност со која ние се соочуваме секојдневно и реагираме по однос на истите, дел по налог на комуналната инспекција, на локалната самоуправа но и дел по проектот „прати слика пријави отпад. Комуналната инспекција треба да постапува по создавачите на депонии, колку што имам информација локалната самоуправа планира да постави по еден комунален редар во секое населено место во Охрид и на тој начин ќе има поголем увид кои се создавачите на тие диви депонии“
Инаку на денешната седма по ред седница на охридскиот Совет поминаа точките за усвојување на Елаборатот за проценка на штета од пожар, предлог одлуката за утврдување на висината на надоместокот закупнината за поставување на урбана опрема како и предлог одлуката за утврдување на висината на комуналната такса за користење на просторот шред деловни простори за вршење дејност, како што претходно се договори локалната самоуправа со угостителскиот еснаф.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град