„Анималија“ заедно со граѓаните кои сакаат да се приклучат на акцијата од денес започнува со изработка на куќарки за бездомните животни. Тие ќе бидат поставени насекаде низ градот со цел животните барем малку да се заштитат од ниските температури.
Од денес НО „Анималија“ отвори штанд на кој ќе се прават куќарки за бездомните кучиња. Локацијата е во близина на кафулето Конект па сите љубители на животните кои сакаат да им помогнат и да ги заштитат од овие ниски температури можат да се приклучат на акцијата.
Сакам да им заблагодарам на маркетите Тамаро и Тинекс кои донираа голем дел од материјалите од кои ќе се прават куќарките. Исто така добивме донации од најлони и прекривки од граѓаните и од Црвен крст. Сите тие се собрани во пунктот на Анималија и од нив ќе изработиме куќарки кои ќе ги поставиме низ целиот град за да можат бездомните кучиња да се засолнат од овие ниски температури, вели Анастазија Димзовска, волонтер во „Анималија“.
Се надеваме дека ќе ги поттикниме граѓаните да ни се придружат во што поголем број и да им помогниме на беспомошните животни, вели Анастазија. Таа верува дека што поголем број и од помладите ќе се приклучат во акцијата и ќе ја покажат својата хумана димензија.
За оваа изградба на куќарки не треба многу. Сите дома имаме картони, најлони и стара облека која може да се употреби. Треба само желба и поттик за тоа да се направи, вели Анастазија.
Од Анималија упатија и апел до граѓаните доколку забележат сибирски самојед кој се одѕива на името Арон да го згрижат и да пријават во нивното здружение или на телефонските броеви кои се назначени на глаерите кои се распространети насекаде низ градот. Сопственичката на кучето веќе девет дена трага по него, но без успех. Затоа се молат граѓаните за помош.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град