Ќе се реши ли конечно долгогодишниот проблем со кучињата скитници во Охрид ?
Приемно одделение, одделение за пост-оперативна нега, и карантин за кучиња. Ова е само дел од замислата и проектот на здружението за заштита на животни од Охрид, „Анималиа“ за тоа како треба да изгледа прифатилиштето за кучиња кое е се поизвесно дека ќе се изгради кај месноста „Мауцкер“. По барањето на локалната, од здружението, во рок од два дена го изработиле елаборатот во кој се предвидени приоритетните зафати за реконструкција и надоградба на дел од поранешните просториите на војската. Како еден од најголемите приоритети, според Димитар Ставрески од „Анималиа“ е обезбедување на струја во објектот. Додава дека во најкраток можен рок, до локалната ќе достават и финансиска конструкција за елаборатот.
„Ова што ние го имаме наведено се баш минималните услови кои мора да ги има инаку би имале проблеми со ветеринарната инспекција бидејќи нема да ги исполнуваме. Во нив стои дека подот треба да биде изработен од материјал кој што нема да е пропустлив и кој ќе е издржлив на хемиски супстанци за да може да се дезинфицира. Треба да има посебна просторија за прием каде што ќе се прими животното, ќе се прегледа од ветеринар, ветеринарот ќе одлучи дали има некоја заразна болест, ако има, треба да се стави во карантин и после тоа да се третира. Ако животното е во добра здравствена состојба, тоа се носи во просторијата, халата што ќе е за чување на животните и после тоа, истото треба да се вакцинира, да се стерилизира и да се врати на улица бележано, доколку не најдеме дом.“-вели Димитар Ставрески од Здружението за заштита на животни, „Анималиа“.
Во рамките на елаборатот, од „Анималиа“ меѓу другото бараат локалната да вработи едно лице од здружението кое е обучено да работи со кучиња, но и возило кое би се користело за заловување на животните и нивен транспорт.
Ставрески вели дека во моментов имаат 12 кафези, три постоечки и девет кои за оваа намена им ги обезбедило ЈП „Охридски комуналец“.
„Ќе имаме капацитет од околу 20 кучиња, но тоа повторно ќе зависи од персоналот, треба да има доволен број на вработени, бидејќи не е мала работа, бидејќи имаме кучиња кои имаат повреди на рбетот, кои мора да имаат масажи од по 30 минути во денот, други кои примаат терапија, значи не е само да се нахранат кучињата, да им се даде вода, да се прошетаат. Тука има и други обврски. Ние од општината бараме да направат договор со најмалку еден или двајца ветеринари од градот кои секој пат ќе ни бидат достапни за прием на животни, а останатите трошоци во однос на медикаменти, операции, стерилизации ќе ги покриваме ние преку странски фондации.“-рече тој.
Ставрески додава дека што се однесува до неопходните услови за соодветен под во стационарот, тие се во фаза на подготвување на проект кој ќе го достават до локалната, а во рамки на проектите од јавен интерес за општина Охрид за 2015та година. Инаку во моментов, седумте постојани волонтери во „Анималиа“, кучињата скитници од градов ги спасуваат како што можат и со сопствени средства и донации. Не ретко, се случува да патуваат до Скопје, бидејќи на некое кученце му е потребно снимање на рендген кој во Охрид го нема, а потоа и операција. Од „Анималиа“ велат дека доколку им се одобри замислениот проект, не само што ќе им се помогне на кучињата скитници, туку општина Охрид конечно ќе може да каже дека го решила на хуман начин овој долгогодишен проблем.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град