Ако продолжи мораториумот за градење Охрид ќе стане мртов град, велат бизнисмените

Ова го посочија бизнисмени на денешната средба со претставници на  Националната комисија за УНЕСКО и Министерството за животна средина и просторно планирање. Дел од забелешките беа дека моменталните состојби  во сферата на урбанизмот во Охрисдкиот регион ги одвраќаат инвеститорите, а беше побарано изградбата на станбени згради и хотели да не се третира исто. Работната средба беше во насока на консултации со сите засегнати страни во процесот на носење на планот за  управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

 |   | 

Дел од бизнисмените веќе ги чувствуваат последиците од мораториумот за градење во Охрид кој пред околу 4 месеци беше донесен од градскиот совет согласно препораките на Унеско. Тоа го истакнаа денеска на средба со претставници од Националната комисија за УНЕСКО, Министерството за животна средина и проторно планирање и локалната власт.  

„ Најголем проблем кој што постои во Охрид е колекторскиот систем. Не е проблем градбата со запазување на законот за просторно планирање, кој ние го поддржуваме во однос на дозволена катност, одалеченост од брегот и слично, но мислам дека ако продолжи мораториумот Охрид станува мртов град. “– Танас Танасоски, бизнисмен.

Охрид  нема ГУП од 2004та година како последица на што се јавува проблемот со дивоградбите, велат бизнисмените. Со донесување на планот за управување на охридскиот регион и проширувањето на зоната на заштита стравуваат дека на целиот брег на Охридското езеро нема да се градат хотели. Тоа што Охрид е, како што велат на маргините на државата во поглед на урбанизмот, немањето маркици за градба, мораториумот кој е на сила до февруари 2020 година, со можност да се пролонгира, ги одвраќа потенцијалните инвеститори меѓу кои и светски познати хотелски брендови, тврдат бизнисмените. Игор Кичеец-правен застапник на бизнисмени од Охрид вели дека покрај заштита на природното и културно наследство, на Охрид му е потребен и  одржлив развој. Додава дека треба да се обезбедат услови за развој на туризмот и угостителството како гранка која не загадува и со мали интервенции  да се вклопи во предлог планот за управување со охридскиот регион.

„ Моја точка на интерес се неколку големи инвеститори, домашни и странски,  во фаза на интерес, кои бараат локации односно маркици за хотели од 5 и 4  ѕвезди од кои дел се и познати брендови, каде основен услов е бројот на соби. Конкретно странски голем инвеститор бара услови за градење хотел со 400 соби. За да не ги изгубиме овие инвеститори кои носат благодет за Охрид сметам дека треба да се изврши корекција и не може исто да се третира станбената изградба и градењето на хотели. “ – Игор Кичеец-правен застапник на бизнисмени од Охрид.

Мораториумот е алатка препорачана од УНЕСКО и советодавните тела со која треба да се воведе ред во неконтролираната урбанизација велат од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и додаваат дека не ги одвраќа потенцијалните инвеститори.
„Не сум сигурен дека странските инвеститури ја напуштаат идејата да градат во Охрид. Можеби чекаат погоден момент кога ќе имаме чиста позиција за да инвестираат. На крајот на краиштата не е само изградбата на луксузни хотели оние елементи кои што го развиваат туризмот во овој регион. Постојат  и многу други алтернативни решенија за развој на туризмот кои што треба да ги искористиме во овој момент. “ – Зоран Павлов-претседател на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион е во завршна фаза. Нема да биде совршен но ова е прва пат да се изработува ваков план. Тој ќе биде добра насока и ќе овозможи успешно справување со предизвиците да го зачуваме Охридскиот регион, велат од Комисијата за управување со регионот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top