Општината утрово со полициска асистенција рушеше нелегални објекти на плажата Канео со што продолжи акцијата за враќање на плажите во првобитна состојба согласно владината уредба. Денеска истече рокот кој им беше даден на сопственици на објекти на крајбрежјето во делот на населбата „Канео“ Далјан како и од „Свети Стефан“ до „Градиште“ сами да ги отстранат платформите и урбаната опрема кои нелегално ги поставиле.
Утрово на плажата Канео, како што беше најавено од општината, продолжи акцијата за отстранување нелегални градби и урбана опрема согласно владината уредба за враќање на плажите во првобитна состојба со цел вoведување ред на крајбрежјето по препораките на УНЕСКО. До денеска општината им даде рок на сопственици на објекти на потегот на крајбрежјето во делот на населбата „Канео“ како и Далјан и од „Свети Стефан“ до „Градиште“ на источното крајбрежје, сами да ги отстранат платформите и урбаната опрема кои нелегално ги поставиле.
Туристичките работници сметаат дека со рушењето на објектите на плажите се намалува туристичката понуда и поради тоа за плажите на кои има репрезентативни објекти според нив треба да се најде поинакво решение.
„ Мислам дека може да се најде соломонско решение овие плажи да останат во сопственоста на државата, на локалната самоуправа на Министерството за транспорт и врски и како такви да ги прилагодат според стандардите на УНЕСКО и да се изнајмуваат на идни концесионери.“ – вели Олег Маленко – Сопственик на ТА Вис Пој.
Туристичките работници бараат плажите на кои се руши што побрзо да се чистат од градежниот шут и да се уредат за да може да бидат користени од гостите со цел да се спаси колку што може сезонава која и онака трпи огромни штети.
Од Општина Охрид порачаа дека процесот на отстранување на урбаната опрема и бесправните градби ќе продолжи и ќе трае се до конечно расчистување на крајбрежјето. Плажите ќе бидат уредени и насипани со речна песок, која што е дозволена согласно Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион. Отстранувањето на нелегални објекти, потпорни ѕидови, шанкови, платформи, метални конструкции и настрешници, се врши на плажите кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и навлегуваат во КП Охридско Езеро. Објектите кои се наоѓаат во опфатот на Генералниот урбанистички план ќе бидат решавани со изготвување на Урбанистичко-планска документација за крајбрежје, согласно Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град