Акцијаштвото во Охрид се враќа на голема врата

Се поголем број млади луѓе стануваат дел од Здружението „Брег на младоста“. Нивниот мотив е да ги практикуваат убавите човечки особини како што се хуманоста, волонтеризмот и акцијаштвото и да направат еден тим кој ќе делува заеиднички и ќе учествува во правењето убави дела.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Акцијаштвото во Охрид се враќа на голема врата. Се поголем број млади луѓе стануваат дел од Здружението „Брег на младоста“. На почетокот на минатата година имало околу педесеттина младинци, а сега има речиси 200. Осмоодделенката Теа Петкоска од ОУ „Кочо Рацин“ веќе два месеци е дел од тимот и е лидер во своето училиште.

Мотивот беше солидарноста и хуманоста која се промовира преку ова здружение. Идејата е сите да се сплотиме заедно како една екипа која ќе го претставува не само нашиот град, туку и нашата земја воопшто, вели Теа.

Во здружението „Брег на младоста“ од пред еден месец членува и Физе Демишеска од ОУ „Братство единство“. Таа вели дека хуманоста и волонтеризмот ги има во секој поединец, но треба некој да го поттикне и стимулира.

Мојот мотив беше што сите заедно, еднакви ќе се споиме како еден тим да им помогниме на тие што не се во можност или пак да изведеме некоја акција која ќе ни помогне на сите нас, вели Физе.

Здружението „Брег на младоста“ постои веќе пет години. Во тој период биле реализирани повеќе акции, хумани подвизи и волонтерски настапи во земјава и во бившите ЈУ  простори. Во 2016 екипи од ова здружение помагале при поплавите кои го зафатија Скопскиот регион. Бил формиран Сојузот на акцијаши волонтери во Македонија, учествувале на меѓународната младинска акција во Краљево, засадиле и 31 дрвце кај спомениците на паднатите борци во Охрид. Но, како најголем успех на здружението во годината што измина го сметаат формирањето на Младинскиот клуб.

Покрај тоа што децата ги учиме на некои нови вредности, солидарност, хуманост, акцијаштво, волонтеризам, но тука и се дружат меѓу себе. Ги има од сите етнички заедници, од сите училишта, од сите улици, така да ние веќе стануваме сериозно здружение кое сериозно треба да го сфатат и општинските власти, вели Зоран Стевоски- претседател на Здружението Брег на младоста.

На бившите ЈУ Простори постојат некаде околу 36 вакви здруженија. Во нивни рамки има и клубови на млади кои соработуваат меѓу себе. Желбата е голема да се развие тој акцијашки дух кој постоеше порано и со чија помош беа изградени многу капитални објекти во нашава држава и во другите држави на некогашна Југославија. Плановите на Здружението „Брег на младоста“ за оваа година е да организира во градов еден меѓународен волонтерски акцијашки камп каде ќе можат да се дружат сите членови на младинските клубови кои се во Македонија и пошироко.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top