Aкадемик Ѓурчинов, одржа предавање за Живко Чинго

За жал сеуште малку е направено за еден од најзначајните македонски писатели на дваесеттиот век Живко Чинго, смета академик Милан Ѓурчинов, кој денес во Уранија имаше своја реч за делата на големиот автор Чинго. Тој смета дека на брегот на езерото треба да се постави споменик бидејќи неговата уметничка вредност го заслужува тоа.

 |  Николоска Биљана  | 

Да го сакаме животот и да го сакаме човекот. Човекот е најголема вредност, се друго е минливо, само она човечкото е вечно, кажал еден од најзначајните македонски писатели на дваесеттиот век Живко Чинго. Академик Милан Ѓурчинов денеска во Куќата на Уранија во Охрид  одржа предавање за делата на охриѓанецот Живко Чинго, по повод 80-годишнината од неговото раѓање.

„За Живко Чинго допрва треба да се пишува и мислам дека неговата вредност со текот на времето само ќе расте, посебно што има многу актуелни работи во неговото дело, тој претскажа многу нешта кои денес нам ни се случуваат. Тука се гледа неговата видовитост, визионерство дека е голем автор, не мисли само на она што е во моментот околу него, туку мисли и на иднината“

Академик Ѓурчинов смета дека она што денес треба да се направи е, ослободувње од моралниот дефицит, повеќе да мислиме не само на естетиката и на хедонизмот кој владее во светот, туку да мислиме на моралните и етичките вредности, кои за човекот се најважни. Додаде дека тоа така било од искони, така треба да биде и утре и младите треба да ги воспитуваме во тој дух.

„За Живко Чинго треба да се направи нешто конкретно. Еве за него нема некој соодветен споменик во Охрид. Еве од романот „Големата вода“ треба на брегот на езерото да се постави споменик, не ги потценувам споениците на странци, меѓутоа сметам дека Живко Чинго е многу поголем од нив.  Треба да се воспитуваат младите и да им се објасни кој беше Живко Чинго и за какви идеи и погледи се бореше“

Предавањето „Великани на македонската уметничка проза – Живко Чинго“ е дел од манифестацијата Научна и уметничка визита 2015 што ја организира Македонската академија на науките и уметностите. Инаку Живко Чинго е роден во селото Велгошти, Охридско, 1935 година, каде го започнува своето школување, а го продолжува во Охрид и во Скопје. По завршувањето на Филозофскиот факултет работи како професор во гимназијата во Охрид. Потоа работи во Скопје во неколку весници. Добитник е на највисоките македонски и југословенски награди. Пишувал раскази, романи и драми. Збирките раскази: „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, „Семејството Огулиновци“; романите: „Сребрените снегови“, „Големата вода“, „Ал“ и „Бабаџан“ и драмите: „Четирите прекрасни годишни времиња“, „Образов“, „Сурати“, „Работници“, „Под отворено небо“, „Кенгуров скок“. Починал во Скопје, во 1987 година.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top