• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Отворањето на Охридско лето во знакот на Ана Липша Тофовиќ со која започна магијата која трае 60 год

Отворањето на Охридско лето во знакот на Ана Липша Тофовиќ со која започна магијата која трае 60 год

Свеченото отворање ќе биде со концерт на арии насловен како ,,Вокални бисери – по стапките на Ана Липша. Околу 300 уметници од Македонија, САД , Русија и десеттина европски земји, од 4ти до 30 август ќе настапат на отворените сцени на Антички театар, Долни Сарај, Предворје на Црквата Св Софија. Годинава ќе имаме едно пократко и поинакво издание на Фестивалот Охридско лето  со приоритетна грижа за јавното здравје, безбедноста на публиката и изведувачите, велат организаторите.

 |   | 

Со концерт на арии во чест на  оперската примадона Ана Липша Тофовиќ со која  во далечната 1961 год. започна магијата наречена Охридско лето ќе биде отворено 60тото јубилејно издание на фестивалот.  На 4-ти август на сцената на Античкиот театар ќе настапат светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ на концерт насловен како ,,Вокални бисери – по стапките на Ана Липша,,

„ Одговорноста да се подготвува програма во време на пандемија е голема , но и задоволство кога знаете дека сте успеале во време кога големи светски фестивали поради корона вирусот се откажани.  Тоа значи едно поинакво издание во организациска смисла на зборот но по квалитетот на изведувачите на ниво на богатата фестивалска историја со која гордо се претставуваме во светот.  Посебно сме горди што годинава приоритет им дадовме на нашите македонски уметници, оркестри и театарски куќи. Тоа е доказ дека токму тие се столбот на уметничката вредност на Фестивалот Охридско лето.  – кажа  директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ на денешната прес конференција.

Околу 300 уметници од Македонија, САД , Русија и десеттина европски земји, од 4-ти до 30 август ќе настапат на отворените сцени на Антички театар, Долни Сарај, Предворје на Црквата Св Софија. Годинешнава јубилејна програма ќе содржи 26 концерти од кои два се во офф програмата. Програмата има прекрасна динамика, од самиот почеток до крајот претставува една голема музичка приказна која ќе го одбележи големиот јубилеј, рече музичкиот селектор на Охридско лето Даница Стојанова.


„И покрај специфичната состојба и сите пропратни ризици програмата ја правев следејќи ја мојата единствена цел и должност кон уметноста, како и мојот професионализам  односно да се задржи и подигне уште повеќе квалитетот на фестивалот. Ги поканив најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот, со една единствена мисија, за спас на уметноста и културата и нејзино славење во ова чудно време, во градот каде за секој ден има по една црква, каде сонцето гали а езерото тихува, во Охрид градот на светлината,“ рече музичкиот селектор на Охридско лето, Даница Стојанова.

Драмската програма започнува на 5ти август, со претставата „Сестрите прозорови“ во изведба на Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ Велес.Во тек на фестивалските денови публиката ќе проследи театарски креации од домашните театарски куќи. Фестивалот свечено ќе биде затворен со претставата „Бог на масакрот“ на НУ Турски Театар, Скопје кој годинава слави 70 годишен јубилеј.
Драмскиот селектор Александар Поповски во видео порака  кажа дека одлуката сепак да се одржи оваа скратена верзија на фестивалот во посебното време во кое периодов живееме е многу важна.

„ Едноставно е човек да се откаже, многу потешко е да се направи она што ние сега ќе го направиме. Самата драмска селекција преживеа различити промени во однос на тоа како се менуваше самата ситуација. Во игра беше Бург театарот од Виена, Националниот театар од Будимпешта, Југословенско драмско позориште. И како се менуваше целата ситуација се обидувавме да следиме и во рамките на тие протоколи да пробаме да го направиме најдоброто.“ рече во видео обраќањето Поповски.

Реализацијата на фестивалските вечери ќе биде со доследна примена на протоколите од Комисијата за заразни болести и насоките на Министерството за култура. Тоа во организациска смисла ќе значи поинакво издание со приоритетна грижа за јавното здравје, безбедноста на публиката и изведувачите, велат организаторите. Во рамките на одбележувањето на 60 годишниот јубилеј ќе биде промовирана и монографијата „Фестивалска приказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева -Ангеловска.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top