Се забрануваат семејни собири, слави и прослави во домови. Маската задолжително треба да се носи секаде, освен при спортување и децата до 6 години, предлага Комисијата за заразни болести како дел од новите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Новите мерки се предложени бидејќи според анализите на институтот за јавно здравје и Комисијата најголем број од новите случаи се од групирање на забави, семејни прослави и слични настани.
364 нови случаи на Ковид 19 во нашата земја, нов неславен рекорд од почетокот на епидемијата. Министерот за здравство, Венко Филипче, соопштувајќи ја денешната бројка на позитивни на вирусот кажа дека состојбата се уште е стабилна но дека лесно може да ескалира.
Соопшти дека врз основа на анализите здравствените власти донеле одлука за препорака на нови мерки со цел спречување на ширење на вирусот.
„Забрана на семејни поголеми собири, прослави и забави во домашни услови, односно, се забранува групирање на граѓаните во домовите, слави. Во едно живеалиште стан или куќа, сопствениците може да примат најмногу 4 луѓе, односно на семеен настан да бидат тие кои се со живеалиште на таа адреса плус најногу 4 други лица.“ – кажа Филипче.
Анализите и епидемиолошките анкети на заразените покажале дека најмногу заразени има поради групирање, семејни прослави и други слични настани, кажа министерот и додаде дека не смее да се дозволи во периодот што е пред нас забавите да се префрлат во домашни услови. Исто така се забранува групирање на јавен простор после 22 часот на повеќе од 4 лица како на пример во паркови, на бензински пумпи, и било каде на отворено. Се проширува мерката за носење заштина маска.
„Се воведува задолжително носење маска или заштитна опрема секаде при престој на отворено, на затворено во било кои јавни објекти, на работно место, во јавен и приватен транспорт. Исклучок се прави при спортување на отворено и затворено, со почитување на протоколи, како и при транспорт во приватно возило ако сите се од исто домаќинство и при престој во угостителски објекти секако со почитување на соодветни проtokоли, и при престој во службени простории/канцеларија ако лицето е само. Исклучок за носење маски имаат и децата до 6 години. “ – кажа министерот.
Министерот информира дека на сите инфективни одделенија во државата хоспитализирани се 414 пациенти позитивни и сомнителни, што е најголем број на хоспитализации од крајот на јули. Потребно е совесно и одговорно однесување за да не се пренатрупаат болниците, порача Филипче и уште еднаш апелираше до граѓаните да се почитуваат мерките и протоколите.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град