Според Конкурсот за запишување на студенти кој го објави Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола за академската 2016/2017 година 370 студенти ќе можат да се запишат оваа година на факултетот за Туризам и угостителство во Охрид. Од ФТУ задоволни се што бројката е стабилна, нема некои поголеми осцилации во однос на минатите години, а тој број е и оптимален земајќи ги во предвид просторните и кадровските капацитети на факултетот.
370 студенти ќе можат да се запишат оваа година на факултетот за Туризам и угостителство во Охрид. Од нив 215 ќе се редовни во државна квота, 80 ќе се со кофинансирање и 75 ќе се вонредни студенти. На насоката туризам за четиригодишни универзитетски студии има 70 слободни места, на осигурување 60, на царина и шпедиција 20, а на насоката менаџмент во услужен сектор ќе може да се запишат 50 студенти. За тригодишни студии на насоката Гастрономија, исхрана и диететика можат да се запишат 50 студенти, а на Хотелско- ресторански менаџмент 40 студенти. На Дисперзираните студии на факултетот, на насоката Туризам во Крушево ќе може да се запишат 30 студенти, а на насоката Oсигурување во Велес има вкупно 50 слободни места. Деканот на ФТУ, Проф. Д-р Цветко Андреески вели дека оваа бројка е задоволителна земајќи го во предвид фактот дека наталитетот во државава во изминатите години евидентно опаѓаше.
Се чуствува намалување на бројот на студенти. Ако пред 7-8 години запишувавме по 500 студенти сега веќе неколку години наназад запишуваме околу 300. Но задоволни сме што бројката е стабилна, нема некои поголеми осцилации, а искрено тој број ни е и оптимален земајќи ги во предвид и просторните и кадровските капацитети на факултетот, вели Проф. Андреески.
Право на запишување на прв циклус додипломски студии имаат: Кандидати кои положиле државна или меѓународна матура; Кандидати со завршено четиригодишно средно образование во претходните учебни години (пред учебната 2007/2008 година) кои не полагале државна матура; Кандидати што имаат завршено високо или вишо образование на сродни факултети и виши школи и кандидати кои паралелно студираат сродни факултети, студиски групи или насоки и Кандидати кои целосно или делумно завршиле средно четиригодишно образование во странство. Основен критериум за селекција на кандидатите за запишување на прв циклус е успехот постигнат во средното образование. Вреднувањето на успехот на кандидатите се изразува во поени.
На ФТУ има студенти од регионот во кој географски припаѓа. Најголем број од нив секако се од Охрид, а има и од Струга Битола, Кичево, Ресен. Во минатото пред да се отворат факултетите во Штип и Тетово имавме студенти и од источн Македонија, а сега тој број е многу мал, вели деканот.
Пријавувањето и запишувањето на кандидатите во првиот уписен рок ќе се врши на 15-ти,16-ти и 17-ти август 2016 година. Вториот уписен рок ќе биде на 1-ви и 2-ри септември, а третиот уписен рок на 14-ти септември 2016 година.
Деканот кажува дека студентите кои ќе се запишат на ФТУ, а кои не се од Охрид имаат можност да бидат сместени во студентскиот дом „Никола Карев“ каде условите се навистина солидни, а цените прифатливи.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град