3500 мажи годишно се прегледуваат на Уролошкото одделение во Охрид

На уролошкото одделение при ЈЗУ Општа болница годишно се прегледуваат над 3 500 мажи од кои 70% се поврзани со болести на простатата. Раното откривање на ракот на простата е многу важно во превенцијата и успешно лекување на оваа болест. Во ноември месецот на светска кампања за подигнување на свеста за машкото здравје, специјалистот уролог д-р Горан Балевски апелира мажите после 40-тата година да започнат со редовни превентивни уролошки прегледи.

 |   | 

Ноември е месец на машкото физичко и ментално здравје. Светското движење Мовембар се обидува да ја подигне свесноста кај машката популација за потребата од грижа и превентива, а во фокусот годинава е важноста на превентивните прегледи на простатата. Ракот на простата е болест која последниве години зазема размери на епидемија, посочува Д-р Горан Балевски – Специјалист хирург-уролог. На уролошкото одделение при ЈЗУ Општа болница годишно се прегледуваат над 3 500 мажи од кои 70% се поврзани со болести на простатата.

Уролошките одделенија и клиниките се претворени во онколошки центри. Ракот на простата, тестис, бубрег и бешика е во огромен пораст. Ако ви кажам дека за време на специјализација сум бидел десеттина операции на рак на тестис на годишно ниво, ние сега толку такви операции на одделение во Охрид правиме во 3-4 месеци – истакна Балевски.

Мажите после 40-тата година треба редовно, барем еднаш годишно да ги посетуваат уролошките амбуланти. Одредени испитувања кои не се инвазивни, може да посочат кон сомневање за присуство на абнормалности на простата. Такви се испитување на простата специфичен антиген преку тест на крв и дигиторектален преглед на простата. 

Превентивните прегледи во смисла кога и колку треба да се прават, порано ворасната граница беше повисока но сега е многу спуштена. Јас апелирам што порано да се јавуваат на превентивен преглед ако ништо друго, на разговор. Мажите немаат обичај да го прават тоа, тие се тешки пациенти посебно кога станува збор за таква специфична патологија како простата, тестис и другите уролошки проблеми – вели Балевски.

Симптоми на кои мажите треба да обрнат внимание, а кои може да алармираат на заболување на простата се крв во урината, проблеми со уринирање, слаб и испрекинат млаз, зачестено ноќно мокрење, еректилна дисфункција, болка, неконтролирани нагони за мокрење.

Простатата доколку почне да дава симптоми тие се движат во две насоки. Бенигната болест има побурна симптоматологија, додека пак малигната болест или ракот има многу скриена подмолна симптоматологија и кога веќе ќе започнат симптомите тогаш е релативно доцна и најчесто е потребна операција за отстранување, а доколку не може да се отстрани лекувањето е потешко и специфично – додава д-р Балевски.

Доколку навреме се дијагностицира ракот на простата успешно се лекува. ЈЗУ Општа болница има најсовремена опрема за третирање на пациентите со рак на простата, а од следната година ќе започне да се применува нова метода за лапараскопско отстранување со која ретко која болница може да се пофали, вели д-р Балевски.

Од рак на простата во Македонија минатата година починале 243 лица. 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top