Денес беше и официјалното отворање на овој објект кој се наоѓа во рамките на основното училиште „Живко Чинго“.
Велгошти конечно ја доби долго посакуваната градинка за своите најмали. Денес беше официјалното отворање на прилагодената и приспособена градинка во други просторни услови, а во рамки на основното училиште „Живко Чинго“. Според министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, со отворањето на градинките во Лескоец и Велгошти, општина Охрид станува пример за општина која работи во насока на подобрување на постоечките капацитети.
„За помалку од две недели, ова е втора градинка во други просторни услови која што ја отвораме во општина Охрид и јас би сакал да се заблагодарам на подршката на градоначалникот на општина Охрид, секретарот на општина Охрид, на директорката и сите приватни компании кои што покажаа општествена одговорност и кои помогнаа оваа градинка која денес ја отворивме да биде направена. Со оваа градинка и со градинката во Лескоец, значително се подобруваат и зголемуваат условите за сместување, згрижување и воспитување на дечињата од предучилишна возраст.“-рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Градоначалникот Никола Бакрачески, вели дека со отворањето на оваа градинка, излегуваат во пресрет на барањата и потребите на велгоштани за адекватна грижа за нивните деца.
„Ќе продолжиме и понатака со реконструкција и адаптирање на градинките во Охрид, не само на овие две градинки во други просторни услови, како што се градинката во Лескоец и Велгошти, туку најавувам дека во иднина имаме проекти кои имаме намера во текот на оваа и почетокот на другата година да ги организираме во насока на подобрување на условите во градинките и во школите во Охрид, што подразбира реконструкција и адаптација на просторните услови и реквизитите за сместување на децата од предшколска возраст.“-вели Никола Бакрачески-Градоначалник на Охрид.
В.д директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Розе Костеска информираше околу условите во кои ќе престојуваат малите дечиња.
„Станува збор за хетерогена група која што ќе опфати деца од две до шест годишна возраст, на простор од 200 метри квадратни, приспособени и прилагодени според нормативите и стандардите за престој на деца во занимална, во градинка. Условите се исти како во градинка, дури се и малку подобри, затоа што имаме нова опрема комплетно. Во овој момент се запишани 35 дечиња, ќе бидат во почетокот сместени во една занимална, доколку се зголеми бројот, тогаш ќе имаме можност, бидејќи е просторот така адаптиран, да можат да функционираат две занимални.“-изјави в.д директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Розе Костеска.
Според Костеска, причина за отворањето на ваквите објекти е адекватно сместување на децата од предшколска возраст, нивно воспитување, но и намалување на листата на чекање која постоела досега.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град