Рушењето на дивоградбите според препораката на УНЕСКО можеме најрано да го очекуваме кон крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, велат од невладината Фронт 21/42. Додаваат дека она што сега се случува во Охрид е почеток на основно владеење на правото и законот во областа на урбанизмот.
Рушењето на дивоизградените платформи на неколку угостителски објекти езерото нема никаква врска со препораката бр. 9 од УНЕСКО за справување со дивоградбите во регионот, туку е еден скромен почеток на основно владеење на правото во областа на урбанизмот во Охрид, велат од невладината ФРОНТ 21/42. Оттаму го поздравуваат како позитивен чекор и се согласуваат со Градоначалникот Георгиески дека „конечно во Охридскиот регион мора да започне да се почитува правото и законот“. Но додаваат дека, според информациите кои досега се јавно достапни, исполнувањето на препораката од УНЕСКО, не е започнато. Односно во Акциониот план на општините Охрид и Струга, Студиите за влијание на евидентираните дивоградби врз светското наследство се планираат дури во 2021 година!
„Со оглед на фактот дека овие Студии ќе определат кои дивоградби ги нарушуваат вредностите и треба да се рушат (се разбира, доколку бидат стручно и независно изработени) – рушењето на дивоградбите од препораката на УНЕСКО можеме најрано да го очекуваме кон крајот на 2021/почетокот на 2022.“ – велат од ФРОНТ 21/42
Од Фронт прашуваат дали во оние 1076 евидентирани дивоградби се наоѓаат и оние кои актуелната власт ги легализира од 2017, со, како што велат, речиси три години свесно прекршување на итната мерка побарана од УНЕСКО („најдоцна до февруари 2018 државата итно да ја стопира легализацијата на дивоградби на територијата на доброто“). Од Фронт потсетуваат дека локалната власт не може да постапува не само за нелегалните градби кои централната власт ги легализираше игнорирајќи го УНЕСКО, туку и за оние за кои се поднесени барања за легализација.
„За да ја спроведе оваа препорака навистина на Георгиески ќе му треба суштинска поддршка од централната власт, но тешко дека ќе ја добие од истите кои неколку месеци по добивањето на оригиналната препорака, наместо да го стопираат легализирањето го продолжија Законот за легализација.“
Законот за Охридскиот регион по острите реакции е повлечен од собраниска процедура и од тогаш нема ни глас за истиот; одлуките за воведување мораториум на Охрид и Струга се внимателно скроени да дозволат продолжување на урбаната и крајбрежната трансформација, Стратешката оцена на влијанието врз животната средина за Планот за управување со регионот ја нема ни на повидок. Додека во седиштето на УНЕСКО во Париз, наша делегација презентираше извештај за „напредокот“ во исполнувањето на препораките, вистинската состојба останува многу тажна, велат од ФРОНТ 21/42.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град