„Прличеви беседи 2021“ и во услови на Ковид -19

НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и во услови на Ковид-19 и годинава достојно ќе ја чествува 128 годишнината од смртта на патронот Прличев и 160 годишнината од создавањето на неговата поема „Скендербег“.

 |   | 

НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и во услови на Ковид-19 и годинава достојно ќе ја чествува 128 годишнината од смртта на патронот Прличев и 160 годишнината од создавањето на неговата поема „Скендербег“.

Главниот настан во чест на големиот поет и преродбеник Григор Прличев во организација на библиотеката е закажан за 5 февруари – петок од 13 часот кога на малата сцена во Центарот за култура што го носи името на патронот ќе се одржи промоција на најновата книга на проф. д-р Вера Сточевска – Антиќ „За Прличев и неговиот XIX век“ во која како приредувач се јавува м-р Милчо Јованоски. Промотор ќе биде проф. д-р Димитар Пандев.

Книгата е симбиоза од научно – истражувачки текстови од д-р Стојчевска – Антиќ објавувани и презентирани во период од близу 40 години наназад на разни домашни и меѓународни конференции и настани и поводи. Од нив извира поврзаноста на Прличев со св Климент и неговото силно влијание врз одредени слова кои се мотивирани од заеднички извори. Трудот на д-р Стојчевска – Антиќ ги бара постојните преоди на нашиот јазик од времето на старословенскиот литературен јазик, кој во разните словенски средини преминува од XII век во црковнословенски, за да се дојде до XIX век со потреба од изрaзување на сопствен литературен јазик, различен од бугарскиот, од српскиот, а разбирливо тоа е евидентно и со грчкиот јазик.

Покрај 12 трудови од д-р Стојчевска – Антиќ книгата содржи и 13 автографски записи, документи, мислења од м-р Милчо Јованоски. Тој изнесува податоци и слики за куќата и гробот на Григор Прличев, за семејното стебло (прв пат во печатена форма) за најстарите македонски изданија на негови значајни дела, филмови за Прличев и ред негови мисли, за Прличевите визити, за добитниците на наградата за најдобра поема…

Авторката и приредувачот, во книгата создадоа концепт кој ги спои минатото и сегашноста со надеж дека така ќе привлечат внимание од јавноста и читателите за нов прочит на големиот Прличев. Оваа „книжевна читанка“ истовремено е мал туристички водич низ Охрид. Издавач на книгата е НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид со финансиска помош на Министерството за култура и општина Охрид.

Во деновите пред беседите библиотеката на својата обновена веб страница ќе ја постави и сподели со посетителите на сајтот документарната снимка извлечена од архивата на МТВ – ТВ Скопје а посветана на манифестацијата „Прличеви беседи“ 1968 година – точно од пред 53 години кога се одбележала 75 годишнината од смртта на Прличев.

Истовремено на сајтот www.bibliotekaohrid.mk ќе бидат споделени аудио изданијата „Сердарот“ и „ Автобиографијата“ кои се дел од архивираниот серијал „Звучна библиотека“ проект поддржан од Министерството за култура а реализиран од страна на охридската библиотека.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top