Николески: 2019 година ќе биде Година на образованието во Охрид

Подобрување на условите во сите основни и средни училишта е зацртано во програмата на кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ , Константин Георгиески.  Посветено и одговорно одлучивме 2019 година да биде Година на образованието во Охрид, кажа професор Ристо Николески кој презентираше дел од програмата.

 |   | 

Охрид е град на просветителството и на писменоста, па оттука произлегува нашата обврска да создадеме услови, сегашните и идните генерации да го зачуваат и да го осовременуваат овој имиџ и во иднина, истакна денеска на прес конференција професор Ристо Николески, кој што презентираше дел од предизборната програма на кандидатот за градоначалник Д-р Константин Георгиески. Нашата цел со Георгиески како градоначалник е образованието во Охрид да го издигнеме на нивото кое го заслужува и нашиот град да може да се гордее со ученици кои имаат големи успеси во земјата и во меѓународни рамки, кажа Николески.

„Долги години наназад нашите деца учат во училници во кои има провев од сите страни, во кои прокиснуваат таваните, а подовите се распаѓаат. Токму затоа посветено и одговорно одлучивме 2019 година да биде Година на образованието во Охрид и за прв пат во историјата на нашата општина во Програмата за образование имаме издвоено повеќе од 52 милиони денари или околу 850.000 евра. “ – Ристо Николески – СДСМ

Замена на кровни конструкции, нови фасади, реконструкција на подови, надворешна столарија во сите основни училишта во градот, и во сите подрачни училишни објекти, се плановите на кандидатот за Градоначалник Константин Георгиески. Со цел да се подобрат условите за одвивање на наставата, големи  инфраструктурни инвестиции се предвидени и во сите средни училишта во Охрид.

„Веќе е започната изградбата на Нова училишна спортска сала во Електро-машинскиот училишен центар „Свети Наум Охридски”, а планирана е изградба на вакви спортски објекти во Основното училиште „Кочо Рацин“, во Основното училиште „Ванчо Николески“ во село Лескоец и во Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“. Освен инвестиции во инфраструктурата планирани се и вложувања за подобрување на  училишната опрема и  надгледните образовни средства.“ – кажа Николески.

Со овие инвестиции покажуваме дека знаеме да определиме приоритетите, работиме посветено, одговорно и домаќински за доброто на сите граѓани, подвлече Николески на денешната прес конференција.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top