Кардиолошки завод подготвен за третман и на пациенти со Ковид 19

Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид реорганизирана и подготвена за  третман на нискоризични и вискоризични пациенти. Досега во болницата се лекуваше еден пациент  позитивен на корона, со срцева слабост. Тој сега е  на инфективното одделение во Битола.

 |  Соња Рилковска  | 


Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид  подготвена за третман и на пациенти позитивни на корона вирусот.
Во здравствената установа направена е комплетна реорганизација. Медицинскиот тим е подготвен за лекување на нискоризични и високоризични пациенти. Интензивната нега е поделена на два независни дела. Направена е адаптација на дневна болница каде е обезбеден дополнителен доток на кислород  и повеќе легла во случај на зголемување на обемот на работа.  На сите пациенти им се прави епидемиолошка анкета, дезинфекција и мерење температура.
„Морам да напоменам дека како одговорна здравствена институција  и во услови на пандемија нашата установа  како и до сега остана отворена  за пациентите со акутни кардиоваскуларни заболувања. Будно следејќи ги препораките на Министерството за здравство  во експресно кратко време  направивме адаптација на просторот  и реорганизација на персоналот  со цел подигнување на нивото на безбедност на пациентите,а секако и подигнување на нивото на безбедност на нашиот персонал“, вели Елена Коваческа Башуроска директор на Специјалната болница за кардиоваскулани заболувања.
Во текот на вонредната состојба, изминатиов месец  забележан е значителен  пад  на пациентите со инфаркти. Дури 40% помалку лица побарале помош  со  акутен коронарен синдром  и акутен миокарден инфаркт.
„Затоа на крај сакам да апелирам до колегите  за  и понатака непречена комуникација,консултација и меѓусебна соработка во третман на пациентите како и апел до пациентите да не ги игнорираат тегоби да не се плашат дека ќе бидат ставени во ризик, бидејќи ние ги имаме превземено сите мерки за максимална заштита во едни вакви услови“, вели Башуроска.
Во Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања до неодамна  се лекуваше  еден пациент позитивен на корона со срцева слабост. Истиот е во добра состојба,  на дополнително лекување испратен на Инфективното одделение во Битола.
Болницата за кардиваскуларни заболувања во Охрид, која  го покрива југозападниот регион  е втора по големина во земјава, овде се вршат околу 1600 интервенции годишно или по пет пациенти дневно.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top