Академици, професори, свештени лица од двете земји денес ги продлабочуваа меѓусебните врски на меѓународниот симпозиум посветен на светите браќа Кирил и Методиј.
Мисијата на сесловенските браќа Кирил и Методиј и по 1150 години сјае со истиот сјај, и по 1150 години ја чува нераскинливо врската помеѓу словенските народи. Оваа врска денес ја продлабочуваа академици, професори, декани и свештени лица од двете културно и духовно поврзани земји, Македонија и Русија.
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ денес во лулката на словенската писменост, нашиот Охрид, ги собра на едно место, со една цел, да се потсетиме на делото на светите Кирил и Методиј.
„Ја организиравме оваа манифестација, односно симпозиум посветен на 1150 години од Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј, патроните на нашиот универзитет. За прв пат, овој настан се организира во соработка со Московската духовна академија и Руската академија на науките, односно претставува една билатерална средба на која што ќе се разгледуваат сите духовни и културни врски помеѓу Русија и Македонија.“-рече ректорот на УКИМ, професор д-р Велимир Стојковски.
Поглаварот на МПЦ, г.г Стефан вели дека по својата импозантност и значење, многу дела остануваат запаметени во историјата. Некои од нив се создадени за да се прослави творецот, а некои се создадени за корист да почувствуваат сите.
„Такво е делово на денешниве, годинешниве славеници, светите браќа Кирил и Методиј, дело со цивилизациски карактер, со многустрано значење и сесветска слава, зашто тоа е дело на ревноста, дело на љубовта, верата и надежта, е дело човекољубиво и богољубиво. И еве денес и ние сме сведоци за бесмртноста на мисијата меѓу словените на Моравија и Панонија од која годинава се одбележуваат 1150 години од нејзиниот почеток.“-вели поглаварот на Македонската православна црква, г.г Стефан.
Министерот за образование и наука на Република Македонија, Спиро Ристовски вели дека без мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, ќе пишувавме на друга азбука, ќе зборувавме друг јазил, туѓ јазик, а не наш исконски.
„Охрид како лулка на словенската писменост и денес повторно не собра да им оддадеме почит на светите браќа на кои ние и голем број поколенија вечно ќе им бидеме благодарни, за се што сторија за нас, бидејќи тие ни го подарија она за што сите народи сонувале-сопственото писмо и јазик.“-изјави министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
Инаку денешниот меѓународен научен македонско-руски собир ја обработува темата „Кирилометодиевската традиција и македонско-руските духовни и културни врски.“ Симпозиумот е во органзација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје во соработка со Православниот богословски факултет кој е дел од универзитетот.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град