Започна одбележувањето на 11 Октомври, Денот на народното востание

Потребна ни е онаква храброст каква што во себе содржи тој 11 Октомври 1941ва за подготвено и достоинствено да се одговори на предизвициите кои ги носи иднината, истакна денеска на пригодна свеченост по повод празникот, Градоначалникот Стојаноски.

 |   | 

Со свечена  програма што се одржа денеска во големата општинска сала започна одбележувањето на 11 Октомври Денот на народното востание. Охрид и Македонија го одбележуваат празникот на македонскиот непокор. Во сите периоди на своето опстојување, Охрид бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ, испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и неспорниот придонес во градењето на европската цивилизација, истакна во своето обраќање пред присутните градоначалникот Јован Стојаноски.

 „За многу одлуки во животот потребна е храброст. Но, најголема е храброста да се задржи своето и подготвено и достоинствено да се одговори на предизвициите кои ги носи иднината. Нам ни е потребна онаква храброст каква што во себе го содржи тој 11 Октомври, датумот кој го насочи текот на историјата, поставувајќи ги темелите на идниот националниот развој. Затоа овие датуми се неизбришливи и инспиративни за генерациите кои доаѓаат.“ – истакна во своето обраќање градоначалникот, Стојаноски.

Историски час по повод празникот одржа Наце Иваноски од  Сојузот на борци. Иваноски пред учениците кои присуствуваа на свеченоста зборуваше за бурното минато на Македонија изпреплетено со војни и премрежја. За светлите датуми како 11 Октомври треба да се зборува и да се споменуваат со благодарност сите борци кои ги положиле своите животи за слободата како и оние кои ја преживеале војната и учествувале во изградбата на повоена Македонија. 

Пред присутните   членови на Сојузот на Борци од НОВ и поддржувачи од Охрид и Дебрца, претставници на локалната и политички партии беше изведена пригодна програма од  ученици и хорот на ОУ „Христо Узунов“.
Чествувањата за 11 Октомври продолжуваат утре кога во 11 часот делегации од општина Охрид и останати претставници од јавниот и политички живот од градов ќе положат свежо цвеќе на Спомен обележјето од НОБ во градскиот парк, во дворниот простор на Основен Суд –Охрид и Економското училиште, „Св. Кирил и Методи“.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top