Социјално најзагрозените семејства на предновогодишен ручек

Локалната самоуправа и Црвениот крст од Охрид денес не им подарија само ручек и новогодишно пакетче на дечињата туку им подарија и причина да се насмевнат барем за миг. Градоначалникот Никола Бакрачески на овие семејства им порача дека посакува подеднакви можности за живот и просперитет, а во меѓувреме се обврза да ги помага во рамките на можностите, како досега така и во иднина. Од Црвениот крст од Охрид со желба, секоја наредна година да има се помалку социјални случаи.

 |  Мишел Наумоски  | 

Предновогодишен ручек за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца. Музика, новогодишни пакетчиња и неодминливиот Дедо Мраз за најмладите. Локалната самоуправа и Црвениот крст од Охрид денес го организираа традиционалниот свечен ручек за социјално загрозените граѓани во обид да ја приближат празничната магија барем за момент до оние кои се во незавидна положба. Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески обраќајќи се пред присутните порача дека посакува најдобри и подеднакви можности за живот и просперитет, без социјални класи, етнички расни или било какви други бариери. Додека ова не се оствари, тој вети дека ќе продолжат заложбите на локалната како досега, така и од сега да се помагаат колку што е можно повеќе социјално загрозените семејства.

“Ние продолжуваме да креираме подобри услови за живот. Од вас драги дечиња бараме да бидете среќни, и радосни пред се, упорни и посветени на училиштата, да се вложите во она што во иднина ќе го работите и никогаш да не се откажувате од вашите поставени цели колку и да изгледаат мали во дадениот момент. Само така ќе го доживеете посакуваниот успех како идни градители на нашето општество во Охрид. “ – изјави Градоначалникот.

Од Црвениот крст од Охрид кои настанот го организираат заедно со локалната, но и со помош на средното угостителско училиште “Ванчо Питошески” велат дека на овој начин се обидуваат да ги усреќат пред се дечињата колку што можат и да ја донесат празничната атмосфера во нивните животи.

“Се надевам дека секоја година, секоја наредна година ќе има се помал и помал број на социјално загрозени семејства на кои им е потребно и едно потсетување, едно приближување на новогодишните празници со еден ваков ручек и во тоа име би сакал на сите овие луѓе кои што се дојдени овде, социјално загрозените семејства, на луѓето од ранливите категории да им ја честитам Новата Година, да им посакам повеќе топлина, повеќе среќа и здравје секако во новата 2016та година.”– кажа Точков.

Волонтерите на Црвениот крст воедно и ги анимираа пред се дечињата, тука беше и Дедо Мраз кого сите го очекуваа, а и самите дечиња на најдобар можен начин ја искажаа својата благодарност за денешниот ден пеејќи празнични песнички.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top