Се конзервираат фреските во Св. Богородица Перивлепта

Фреските во Св. Богородица Перивлепта полека ама сигурно го добиваат својот некогашен сјај. Десетина конзерватори од земјава и двајца експерти од УНЕСКО секојдневно работат на овој сложен проект. Ќе се прави и конакот на црквата, а целиот проект треба да заврши до наредната година.

 |  Лионела Јаковлева  | 

Се конзервираат фреските во Св. Богородица Перивлепта. Ова е дел од проектот на Завод и музеј за реставрација и конзервација на овај комплекс. Десетина конзерватори од земјава и двајца експерти од УНЕСКО секојдневно работат за да и го вратат некогашниот сјај на оваа црква која во себе крие непроценливо културно богатство. Фреските кои се работени со природни бои многу е тешко да се обработуваат, па потребна е навистина голема трпеливост и умешност за да се добијат токму истите нијанси со кои што некогаш ги избоиле врвните мајстори.

Мора да има соодветни услови за работа на фреските.  Доколку дозволат временските услови и температурите ќе се работи до крајот на годината. Ако температурите паднат под нулата тогаш активностите престануваат затоа што на тие температури не може да се работи бидејќи бојата не се суши. Затоа не можам со точност да кажам до кога ќе се конзервираат фреските во Перивлепта, објаснува Тања Паскали Бунташеска-директорката на НУ Завод и музеј.

Покрај на фреските во црквата се работеше и на санација на кровот со што целосно се заштитија од влага. Сe обнови и кровот на камбанаријата за што Завод и музеј од Министерството за култура доби 1 500 000 денари. Ќе се работи и на санација на конакот во дворот на црквата. Во приземјето на конакот ќе се прави санитарен чвор, како и простории за продавање сувенири, рекламен материјал и свеќи. На горниот кат ќе има една просторија за библиотека и за бифе кое ќе биде поврзано со отворената површина надвор. Во моментов се чека да завршат археолошките истражувања на подлогата под конакот.

По нивното завршување интензивно ќе започниме со работа на манастирскиот конак и се надеваме дека во текот на наредната година ќе биде завршен. Со тоа ќе биде комплетиран целиот проект за уредување на овој комплекс кој е од огромно културно и историско значење. Тој ќе биде уште едно место кое гостите со задоволство ќе го посетуваат, вели Паскали Бунташеска.

За партерното уредување на дворната површина уште малку ќе се почека. Ќе се вршат дополнителни археолошки истражувања по што целиот тој простор ќе биде поплочен и оплеменет. Само за потсетување сите овие проекти се реализират со пари од добиениот грант од 450 000 американски долари од американската амбасада кои беа одобрени пред повеќе од пет години.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top