• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Светски кошаркарски имиња заедно со локалната ќе ја популаризираат кошарката во Охрид

Светски кошаркарски имиња заедно со локалната ќе ја популаризираат кошарката во Охрид

Врвни имиња од светската кошарка заедно со локалната ќе работат на популаризација на кошарката во Охрид. Од денешната иницијална средба треба да произлезат неколку иницијативи, а како една од поатрактивните е иницијативата за повторно заживување на турнирите на отворено во градов. Според градоначалникот Никола Бакрачески, реализацијата на ваквите иницијативи и тоа како позитивно ќе делува во насока на развивање на спортскиот туризам во градов.

 |  Мишел Наумоски  | 

Божидар Маљковиќ, Бора Џаковиќ, Раца Ѓеоргиевски, ова се дел од врвните светски кошаркарски имиња кои заедно со локалната ќе работат на популаризација на кошарката во градот. Денес тие остварија иницијална средба на која беше разговарано за неколку интересни идеи поврзани со кошарката, а со чија реализација пред се би добил градот Охрид но и кошарката во нашиот град. Градоначалникот Никола Бакрачески вели дека тие како институција, заедно со амбасадорката на Србија во Република Македонија се подготвени да бидат инволвирани и да ја помогнат секоја една иницијатива која произлегла од денешната средба, особено поради фактот што истите се поврзани со спортот и спортскиот туризам кој според градоначалникот Бакрачески е од исклучително значење за Охрид. Една од таквите иницијативи е особено интересна за Охрид кој некогаш бил престолнина на таквите спортски настани.

“Во делот на развој на програми или стратегија за развој на кошарката кај пионерските или младинските школи и на кој начин тоа треба да се организира, во делот на можноста за реинкарнација на кошаркарскиот турнир на отворено кој што некогаш беше многу популарен во Охрид, или евентуално за можноста да се организира еден спектакуларен турнир на отворено кој што би се одвивал во централното градско подрачје со поставување на специјална подлога и кој би бил еден вид на атракција за гостите и туристите кои престојуваат во Охрид, а на кој што турнир би присуствувале реномирани европски екипи.”– изјави градоначалникот.

Амбасадорката на Република Србија во Република Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ смета дека ваквите иницијативи во голема мера придонесуваат во зајакнување на соработката помеѓу двете држави.

“Ова е една навистина корисна иницијатива, посебно што таа ги вклучува младите генерации, младите луѓе, и тоа е она што мислам дека има посебна вредност. Многу ми е драго што навистина големи стручњаци од кошарката прифатија и се одзваа да пружат помош во подигнување на нивото на кошарката во Охрид и сигурна сум дека овој заеднички потфат е осуден на успех.” – изјави амбасадорката Дивјак-Томиќ.

Еден од најпознатите кошаркарски тренери во светот, чие име се поврзува со најсилните клубови во светот меѓу кои и Реал Мадрид, Божидар Маљковиќ, вели дека во Охрид препознал луѓе кои се подготвени да придонесат во кошарката и дека токму поради тоа се одлучил да го даде својот придонес.

“Јас секогаш се радувам кога ќе дојдам во Охрид. Минатата година држев семинар за кошаркарски тренери. Овој пат причина за посетата е унапредување на кошарката во Охрид. На основа на она што го видов кај градоначалникот и кај луѓето, овде постои голема желба нешто да се направи, нешто сериозно, да се ревитализираат некои идеи од минатото, а тоа  се познатите турнири кои се играа овде и во Куманово.” – кажа тренерот Миљковиќ.

А присуството на овие врвни кошаркарски имиња, како и институционалната поддршка се особено значајни за охридскиот кошаркарски клуб “АВ-Охрид” на чија покана се одзваа денешните гости.

“Целта е да го испромовираме нашиот клуб, знаете дека имаме досега резултати кои ни одат во прилог имаме осум победи од осум одиграни натпревари. Се надеваме дека одиме постапно, и се надевам дека ќе влезиме во прва лига. Беше разговарано и со Бора Џајковиќ и во насока на доведување на нови играчи, освежување на клубот ако се влегува во прва лига, и тоа се моменти кои дополнително ќе бидат разговарани.” – Марјан Бошалевски-кошаркарски клуб “АВ-Охрид”

На денешната средба, која беше иницијална беше подвлечено дека иако е прва од ваков вид која тие ја остваруваат, сепак истата создава можност и за идни соработки и реализација на голем број иницијативи како во кошарката, така и во спортот и туризмот воопшто.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top