Самохрана мајка се бори за гола егзистенција на три деца

Соба полна со влага, напукнат под и ѕидови е единственото прибежиште на самохраната мајка на три деца Линда Зилбеари од Охрид. Таа во такви услови живее речиси 4 години. Вели дека повеќе нема сили да ја издржи животната битка, со ниски примања со кои едвај врзува крај со крај. А од неодамна се влошило и нејзиното здравје.

 |  Билјана Николоска  | 

Животната приказна на охриѓанката Линда Зилбеари, е тажна. Таа е самохрана мајка на три малолетни деца. Покрај со битката за егзистенција, лошите услови за живот под кирија во соба полна со влага и напукнати ѕидови во куќа стара 100 години како што и самата кажа, од неодамна нејзиното здравје е кревко, односно добила тешко искривување на рбетниот столб. Вели дека легнува и станува со неподносливи болки, секој ден оди на физикална терапија, а според докторската анамнеза добила наод дека неопходно е да работи со скратено работно време.

„Вие сте први што реагирате на мојот случај, јас сум самохрана мајка на три малолетни деца, гледате во какви услови живеам, значи сакам да кажам дека секаде сум одела да барам помош, посебно за некаков социјален стан, но никаде не добив одговор, секаде сум се обратиле но никој ништо не презеде. Сакам и моите деца да живеат нормално како и другите деца во нормални услови, јас немам никакви услови во оваа куќа “-вели Зилбеари.

Досега со полно работно време Зилбеари, земала 10 000 денари личен доход, а сега таа сума ќе се преполови поради скратеното работно време. Таа  вели дека секој ден е под стрес, нема мирен сон, се плаши за здравјето на нејзините деца и не знае како ќе врзе крај со крај со нејзините примања.

„Ако имаат малку душа човечност ќе можат да ми помогнат ова веќе е страшно. Оваа куќа е многу стара може да падне и се да се случи, живеам со страв, на сите страни“-додава Зилбеари.

Зилбеари очекува дека сепак надлежните институции ќе ја посетат за да видат во какви услови живее. Низ солзи кажуваше дека секој нареден ден за неа е кошмар и неиздржлив. Вели дека се обратила и до Центарот за социјални грижи со цел да стане корисник на некаква социјална помош, но и од таму сеуште не добила одговор. Зилбеари  истакна  дека со последните сили ќе се труди да обезбеди сигурен покрив на главата на нејзините три деца, а верува дека и државата ќе и помогне во тоа.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top