Продолжува сагата за изградбата на улицата „Јордан Мијалков“

Од Локалната самоуправа велат дека оваа година за жал не се најдени средства за нејзина изградба, но дека истата останува во развојната програма на  Секторот за комунални дејности сообраќај и улици за наредните две години. Од друга страна, натрупувањето градежен шут од страна на несовесни граѓани, продолжува.

 |   | 

Изградбата на улицата „Јордан Мијалков“ треба да се реализира во наредните две години. Станува збор за новопроектирана улица на чијашто изградба жителите чекаат повеќе од пет години . Од локалната во неколку наврати имаше ветувања дека оваа улица е една од приоритетните во градот и истата конечно се најде во годишната програма на Секторот за комунални дејности сообраќај и улици, но за жал средства за нејзина изградба сеуште нема.

„Улицата „Јордан Мијалков“ е влезена во развојната програма за уредување, период 2016-2018-та, морам да признаам дека оваа година Општина Охрид, односно Секторот за сообраќај улици и патишта не најде средства и модус да се пристапи кон градежните работи на оваа улица, но останува ова улица во развојната програма, како што реков се надеваме дека во наредните две години 2017-та и 2018-та ќе започнеме со градежните активности“, вели Томе Џамтоски – Портпарол Општина Охрид.

Од друга страна, со оваа улица е врзан еден комунален и пред се еколошки проблем, кој трае подолго од надежите за нејзината изградба. Од ден во ден се поголемо е количеството на инертен отпад кој несовесни граѓани го депонираат на овој простор. Од локалната признаваат дека и покрај тоа што инспекциските служби се запознаени со проблемот, немоќни се докрај да се изборат со оние кои го загадуваат просторот.

„Под закрилата на ноќта ќе одложат нешто и се создава навистина неубава слика на тој дел, на се тоа треба да се додаде дека многу од градежните активности во однос на градбата на колективни станбени згради таму сеуште не се завршени, така да се согласуваме дека целата таа слика не прилега на Охрид“ објаснува Томе Џамтоски – Портпарол Општина Охрид.

Улицата „Јордан Мијалков“ од Бензиската пумпа кај Билјанини извори па се до пресекот со улицата Карпош Војвода, предвидено е да биде со должина од 636 метри, ширина 9,5 метри и тротоарска површина од 3,5 метри. Граѓаните кои што живеат на овој потег 4 години чекаат да се стави во функција оваа сообраќајница затоа што води кон локацијата каде што се градат станбени комплекси.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top