• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Потребни се центри, формирање на национален регистар и креирање национална стратегија за справување со аутизмот

Потребни се центри, формирање на национален регистар и креирање национална стратегија за справување со аутизмот

Кршење на предрасудите, борба против табуата, јавно говорење за сите предизвици со кои се соочуваат родителите на деца со аутизам. Отворање на центри за аутизам, формирање на национален регистар и национална стратегија за справување со аутизмот. Ова се предизвиците со кои веќе 16 години се носат луѓето од Македонското научно здружение за аутизам кои се организатори на првата трибина во Охрид на која се дискутираше за предизвиците кои ги носи аутизмот во нашето општество.

 |  Мишел Наумоски  | 
autizam

„Да се живее со деца со аутизам е предизвик, но и едно од најубавите нешта е кога се споделуваат радосните моменти“-вака накратко ја раскажа својата приказна родител на деца со аутизам од Охрид кој на сите родители кои се борат со истиот предизвик емотивно им порача дека нивните деца ќе успеат, ќе се образоваат и ќе постигнат нешто во животот. Томислав Бакулески кој е родител на две деца со аутизам денес собра храброст јавно, на денешната трибина посветена на аутизмот, да проговори за предизвиците со кои неговото семејство секојдневно се соочува, но и повеќе за среќните моменти.

„Живеачката со ние е повеќе од убава, не можам тоа да ви го објаснам, бидејќи се работи за деца кои се премногу чувствителни, што се премногу интелегентни, тие не можат да ја искажат во одреден момент својата потреба. Децата се нашето најголемо богатство и според ова што јас го имам искусено треба да се грижиме за нив со поголема љубов.“ – кажа Томислав Бакулески-родител на деца со аутизам

Еден од нашите реномирани стручњаци од областа на дефектологијата и аутизмот, професор д-р Владимир Трајковски, кој е воедно и еден од организаторите на трибината, вели дека тие како Македонско научно здружение за аутизам веќе 16 години се борат за подобрување на условите на семејствата со деца со аутизам. Од барања за отворање на центри, до формирање на национален регистар и креирање национална стратегија за справување со аутизмот. И покрај законската регулатива која ја оценува како добра, проф.д-р Трајковски потенцира дека мора да се работи зголемување на бројот на дефектолозите во образовните институции.

„Во Скопје, релативно е добра ситуацијата, но во останатите градови, сметам дека државата треба да смогне повеќе средства и да алоцира некои материјално финансиски средства токму во овој сектор на вработувања на дефектолози затоа што инклузијата подразбира имање на кадри и имање на дидактички методи и имање на едуцирани професионалци, дефектолози, па и психолози и педагози кои би можеле да се вклучат во редовниот процес. Затоа што ако вие пуштите едно дете во инклузивно училиште, а таму наставникот кој што работи со 30-35 деца не ја познава проблематиката со аутизам, вие сте го осудиле на пропаст тоа дете.“– проф.д-р Владимир Трајковски-претседател на Македонско научно здружение за аутизам

Дел од денешната трибина беа и пратеникот во Собранието на Република Македонија, д-р Сашо Василески како претседавач на интерпартиската парламентарна група за деца со посебни способности кој во насока на подобрување на состојбата на семејствата кои имаат деца со аутизам информираше дека во 2017та Македонија ќе го добие првиот центар за рана детекција на аутизам во населбата Козле во Скопје. Од друга страна пак, на локално ниво, заменик градоначалникот Ангел Јанев, истакна дека интензивно се работи на центарот за аутизам во Охрид кој ќе биде сместен во ОУ „Братство Единство“. А потребите од подобрување на целокупното живеење на семејствата со деца со аутизам се и тоа како големи. Податоците на бројни студии говорат за огромен пораст на бројот на деца со аутизам во последните десетина години, бројка која сеуште е во пораст. Страшен е и финансискиот товар кој родителите на деца со аутизам го носат на своите плеќи. Професор д-р Трајковски на денешната трибина меѓу другото истакна дека според една студија во САД на едно семејство во еден животен век му се потребни помеѓу 3.5 и 5 милиони долари за покривање на животните трошоци. Инаку дел од денешната трибина беа и педијатри, психолози, психијатри како и родители на деца со аутизам од Охрид, Штип и Ресен.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top