Пештанци бараат инспектори да ги исконтролираат одгледувачите на свињи во населбата

Пештанци се жалат на неподнослива реа која се шири од неколкуте кочини за одгледување прасиња во населбата. Тоа посебно било изразено во летниот период, што за оваа позната туристичка населба давало грда слика, а тоа го забележувале и туристите кои во повеќе наврати реагирале, посебно кога во вечерните часови шетале низ пештанските долови.

 |  Биљана Николовска  | 

Во Пештани на неколку локации има кочини за одгледување свињи, од кои се шири неподнослива реа. На овој проблем се пожалија пештанци. Велат дека тоа претставува грда слика за нивното место кое е познато и признато како туристичка населба. Додаваат дека и туристите кои шетаат по  пешачките патеки кои мештаните ги викаат долови се жалеле на непријатната миризба, како што појаснува нашиот соговорник Зимоски Димче.

„Во летни месеци посебно јули, август, септември кога „вечерникот“ т.н ветер кој дува навечер од планината према езерото посебно куќите кои се на ивицата од самото село спрема планината имаат голема мака со миризба која доѓа од т.н непрофесионално чување на свињите“- изјави за ТВМ, Зимоски Димче, жител на Пештани.

Мештаните стравуваат дека може да  дојде до некоја зараза ако не се преземат мерки согласно законот. Зимоски рече дека месната заедница била запозната со проблемот, а смета дека со овој проблем се создава револт меѓу мештаните, односно како може некои да чуваат прасиња за сметка на други кои не сакаат да ја дишат реата што се шири од кочините.

„Но незнам зошто, инспекциските органи доаѓаат но не преземаат нешто посебно за таа грда слика во нашево место да се отстрани. Јас не знам што треба да се направи, минатата година јас гопријавив тоа во инспекцијата за екологија. Јас мислам дека тука се прави прекршување според неколку законски основи од страна на произведувачите, прва грешка е таа што го тие го кршат законот затоа што законот за туристички населби не дозволува такво нешто, значи она што го прават го прават противзаконско. Второ би требало некој орган да дојде, да ги запише сите и да ги направи индивидуални произведувачи и да си плаќаат порез за тоа“- додава Зимоски.

Зимоски истакна дека пред неколку години се размислувало да се одреди некое место надвор од селото каде индивидуалните произведувачи со инспекции и здравствени испитувања на самите животни, би можеле да одгледуваат прасиња, но таа идеја не наишла на слух кај тогашната локална власт. Инаку за овој проблем го побаравме и претседателот на М. З. Драган Тренески. Тој во краткиот телефонски разговор за ТВМ рече дека до него немало никаква пријава во врска со проблемот, но смета дека со заеднички пристап и делување  може да се изнајде некакво решение. И од општинскиот комунален инспекторат тврдат дека никој од Пештани писмено или усно до нив не се обратил за проблемот. Од таму велат дека М.З но и поединци можат да ги известат за проблемот со цел да може инспекцијата да направи увид во целата состојба. Инаку како што информираат од комуналниот инспекторат, казните за недозволено и непрофесионално чување на добиток се високи започнувајќи од 2000 евра па нагоре.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top