Патувачкиот филмски младински фестивал Џифони пристигна во Охрид

Во наредните два дена 130тина средношколци ќе имаат можност не само да гледаат филмови туку и да ги коментираат истите. Во рамки на проектот Џифони патува, ќе се одржат и три едукативни работилници за средношколците посветени на фотографијата и филмот.

 |  Мишел Наумоски  | 

Патувачкиот филмски фестивал “Џифони” пристигна во нашиот град. Во рамките на истиот сто и триесетина средношколци од градов ќе имаат можност да запливаат подлабоко во водите на филмот и фотографијата, ќе гледаат проекции на филмови но и ќе ги коментираат истите. Џифони патува пак е проект на Џифони Македонија кој според директорката на оваа невладина организација, Елена Величковска има за цел да го приближи светот на филмот до младите.

“Тоа е еден голем проект каде што тие пред се гледаат филмови, после што следи дискусија за тие филмови, модерирана од страна на експерти од областа, во некои случаи имаме и гости од самите филмови, дали режисери, продуценти или актери од филмовите, и на тој начин младите доаѓаат сами до некои одговори, учат што е техника на снимање, како се снима, некои интересни аспекти од областа на филмската музика. Тоа е баш еден едукативен процес и низ самата дискусија. Во попладневните часови ќе имаат можност да бидат и дел од едукативни работилници кои вклучуваат филм, фотографија и уметност воопшто.” – изјави Елена Величковска-Директорка на “Џифони Македонија”.

Заменик градоначалникот, Ангел Јанев на гостите од Џифони им вети дела Охрид ќе биде одличен домаќин.

“Охрид секако ќе биде одличен домаќин, општината Охрид, локалната самоуправа, сите ние сме на располагање, јас се надевам дека оваа прва работилница нема да биде единствена во низот на работилници кои што ќе придонесат голем дел од децата кои што се средношколци од Охрид, да имаат можност да влезат во дел од филмската индустрија.” – изјави Ангел Јанев-Заменик градоначалник на Охрид.

Зоран Велјановски-Летра од Институтот за филм од Охрид, вели дека овој патувачки фестивал е одлична можност за да се издвојат младите кои имаат интерес за оваа специфична уметност.

“Со овој проект почнуваат да се остваруваат нашите заложби за поттикнување на креативноста кај учениците од средните училишта, кај младите охриѓани кои во голем број покажаа интерес за учество на дводневниот фестивал. Сакам да изразам голема благодарност до градоначалникот Бакрачески, директорката на Џифони Македонија, Елена Величковска, директорката на Агенција за филм, Мими Ѓоргоска, секторот за образование и култура при локалната, и секако до координаторите на средните училишта, нашите драги професори кои работат со децата и кои ги знаат нивните капацитети.” – изјави Велјановски.

Инаку проектот Џифони патува годинава за прв пат се реализира во земјава, а во рамките на истиот младите охриѓани кои ќе бидат дел од фестивалот ќе имаат можност да земат учество и во трите работилници кои ќе работат на темите едноминутен филм, фотографија и вовед во филмските жанрови. Охрид е последен град во кој допатува фестивалот Џифони, а претходно биле одржани проекции и во Прилеп и Битола.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top