Охриѓани го одбележаа меѓународниот ден за свесноста за аутизмот

Охриѓани денес го одбележаа светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот. Се пееше, играше, се правеа фризури и фотографии сложувалки на градскиот плоштад . Пораката една, да се привлече вниманието на јавноста за постоењето на аутизмот и предизвиците со кои луѓето со посебни способности секојдневно се соочуваат.

 |  Мишел Наумоски  | 

 

И Охрид денес се обои во сино. Охриѓани го одбележаа меѓународниот ден за свесноста за аутизмот, 2ри април. Со интересен хепенинг на градскиот плоштад, Црвениот крст од Охрид, заедно со локалната самоуправа и Занаетчиската комора денес беше испратена порака за привлекување на вниманието на јавноста за постоењето на аутизмот.

„Овој проект, односно проектот „Сложувалка“ започна пред неколку недели, и ќе трае до крајот на мај, во соработка со Занаетчиската комора од Охрид и со занаетчиите, организираме креативни работилници во просториите на Црвен крст од Охрид, каде што занаетчијата доаѓа, ги обезбедува материјалите за таа работилница и заедно со волонтерите од Црвен крст и со лицата со посебни способности изработуваат предмети кои на крајот од овој проект ќе бидат изложени и ќе бидат продадени, и сите собрани средства ќе бидат наменети за еднодневна екскурзија за волонтерите, занаетчиите и лицата со посебни способности.“– изјави за ТВМ Јованка Сион-Доленц-Црвен крст-Охрид.

Ваквите настани според дефектологот Александра Апостолова од Општа болница-Охрид, се и тоа како потребни за да се укаже на населението дека лицата со аутизам се реални и живеат меѓу нас секојдневно борејќи се со нивните предизвици.

„Уште пред месец дена кога се одржа трибината за аутизам во неформална средба со заменик градоначалникот Ангел Јанев за тоа што би можеле во Охрид да направиме, за да се постигне некое ниво на поголема свесност на луѓето, луѓето да бидат подобро запознаени со аутизмот. Исто така да кажам дека аутизмот зема голем замав, многу почна да се зголемува бројката на деца родени со аутизам и алармантна е состојбата.“-вели Александра Апостолова-дефектолот-Општа болница-Охрид.

Во рамки на денешниот настан покрај локалната самоуправа, свој несебичен придонес дадоа дечињата од градинката Јасна Ристеска, основните училишта во градов, децата од Распеано рибарче, младите музичари Богдан Василески и Наум Спироски како и познатиот охридски музички состав Силви бенд кои ги забавуваа охриѓани. Инаку во рамки на одбележувањето на светскиот ден на свесноста за аутизмот, зградата на општина Охрид од 8 до 10 часот вечерва ќе биде осветлена во сина, заштитната боја на лицата со аутизам. Инаку 2 ри април се одбележува како меѓународен ден на свесноста за аутизам од 2008та година.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top