“Нашата училница, нашиот свет” во ОУ „Григор Прличев“

Родители и наставници со заеднички сили, креативност и работа до создавање на пријатно катче за учење за децата. Во рамките на работилницата “Нашата училница, нашиот свет”, денес беше преуредена една од училниците во основното училиште Григор Прличев, а со цел тоа да поттикне создавање на креативна атмосфера во која дечињата ќе можат да учат низ една поголема интерактивност, но и забава.

 |  Мишел Наумоски  | 

Обичната училница да се претвори во еден убав свет со различни катчиња за што поголема креативност и стимулација на дечињата за учење. Ова е идејата на работилницата “Нашата училница, нашиот свет” во која со лесно достапни материјали, професорите заедно со родителите тимски создаваат училишна средина во која лесно се поттикнува креативноста кај дечињата. Според Весела Богдановиќ, една од педесетте најдобри учители во светот и обучувач во проектот “Чекор по чекор” за да се постигне една ваква атмосфера најважно е да се работи тимски заедно со родителите.

“Целта на оваа денешна обука или повеќе би рекла работилница беше наставниците и родителите да се запознаат со принципите на креирање на една стимулативна средина за учење, да се запознаат зошто е важно да постои една таква средина за учење, зошто е важно средината во која што учат дечињата да биде креативна и стимулативна. Потоа како да се развијат навики за соработка помеѓу дечињата, како тие да работат во тимови, да се работи во центри. Така денес заедно со родителите и со наставниците, како еден тим изработуваме односно работиме на преуредување на една училница.” – вели Весела Богдановиќ.

Училницата која тие денес ја уредуваа заедно со професорите од основното училиште “Григор Прличев” навистина прерасна во едно пријатно катче кое изобилува со шаренило, содржини, најразлични делови посветени на природа, уметност, математика, јазично катче, и сето тоа со лесно достапни материјали.

“Во овие акции може да се согледа како родителите и наставниците со собирен материјал, она што е отпаден материјал, со ролни хартија, со стари чадори, со платното од стари чадори, со затворачи, со капачиња од тегли и од шишиња. Сето тоа може да биде дидактичко средство ако се спакува на пример во една кутија од чевли која само ќе се украси декоративно и ќе се постави во тоа математичко катче и тоа е главнот акцент тука, да се забележи дека со една заедничка акција може да се обезбедат и да се направат тие материјали.” -додава Богдановиќ.

Инаку, работилницата “Нашиот свет, нашата училница” е дел од проектот на УСАИД и фондацијата “Чекор по чекор”. Иако истиот се однесува на уредување на една училница, помеѓу професорите од ОУ “Григор Прличев” веќе се нафрлаа идеи околу проширување на оваа идеја и уредување и на останатите училници по истиот принцип.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top