Младите претприемачи со општествено одговорни бизнис идеи

Еко хотели, кафетерии кои организираат дружења за социјално загрозените семејства, хотели кои го рециклираат отпадот и неискористената храна ја даваат на бездомниците. Младите претриемачи од Охрид и Струга презентираа дел од нивните бизнис идеи. Освен што се потрудија да креираат профитабилни бизниси, тие своите идеи ги втемелија на принципот на општествена одговорност.

 |  Мишел Наумоски  | 

Еколошки хотели кои користат соларни панели за греење, економични тушеви, користат природна светлина, хотели кои служат само органска храна од локални земјоделци, а остатокот од неискористената храна го даваат на бездомните лица, кафетерии кои организираат дружења за социјално загрозените семејства, нудат бесплатни пијалаци. Ви звучи како список на учесници на некој светски бизнис форум? Е па не е така, станува збор за иновативните бизнис идеи на младите претприемачи од Охрид и Струга кои освен идејата за профитабилен бизнис, се потрудиле во своите бизнис планови да го вклучат и елементот на општествена одговорност на компаниите. Еве дел од идеите кои тие ги презентираа.

„Нашата идеја беше кафетерија, „Кафе муабет. Идејата беше да има и за нас придобивка, но и за некои личности кон кои животот бил немилосрден. Да има и за нив придобивка. На пример кај нас во кафетеријата ќе има поголема предност за вработување на оние лица кои се со помалку примања во нивната фамилија, или на пример ќе се одржува еднаш или два пати во неделата за децата со посебни потреби дружење, честење, сето тоа ќе биде покриено од наша страна, тоа го правиме за нив за да не се чувствуваат отфрлени на некој начин. Тоа беше нашата цел, нашата замисла.“

„Нашата идеја беше да се изгради еко-хотел, кој ќе содржи многу еколошки елементи и се надеваме дека во иднина сите хотели ќе бидат така за загадувањето да биде помало. Греењето може да биде соларно, топлењето природно, собите да бидат со големи прозори и сета таа топлина да биде по природен пат, сите елементи кои може да загадуваат да се сведат на најниско ниво.“

Според директорката на средното економско училиште „Св.Кирил и Методиј“ каде денес се одржа натпреварот на општествено одговорни бизнис идеи, важен е и претприемачкиот дух кај средношколците, но и всадувањето на концептот на создавање на општествено корисни вредности.

„Ова е добро за младите, тие го развиваат претприемачкиот дух за нашето училиште посебно бидејќи во рамките на економската струка, бизнисот и бизнис размислувањето е еден од основните двигатели на размислувањата за оформувањето на образованието и за вклучување во општествениот живот, но за сите млади, за сите ученици, од другите училишта претприемачкиот дух треба да се развива од најмали нозе. Мерка на вредност создаваат кон општествените вредности правилно размислуваат, се насочуваат, дали од заштеда на енергија, здрав живот, дали од помош на социјално загрозените структури во општеството, дали во грижа за младите, се она што чувме беше на ниво на нивно правилно размислување.“– вели Славица Костоска, Директорка на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“-Охрид

Денешниот натпревар беше финалето на проектот за развивање на претприемачкиот дух кај младите, а во рамки на кој беа одржани и средби помеѓу локалните бизнисмени и младите средношколци, а беше одржан и камп за млади претприемачи. Токму локалните бизнисмени беа и жирито кои ги оценуваше бизнис идеите на денешниот натпревар. Па така првото место им припадна на учениците од охридската гимназија со идејата за „Зелен хотел“, второто место го освои идејата за туристичка агенција која нуди сместување во еко-хотел, третото место беше за ресторанот „Карма“ кој нудеше бесплатен ручек за загрозените семејства, додека четврта беше идејата за кафетеријата „Кафе муабет“ која пак вработуваше луѓе од семејства со пониски примања. На овој натпревар учествуваа четири училишта, и тоа средното економско училиште „Св.Кирил и Методиј“ од Охрид, охридската гимназија и средното угостителско и туристичко училиште „Ванчо Питошески“ како и средното стручно училиште „Нико Нестор“ од Струга. Проектот за млади претприемачи го реализираше Локалната агенција за развој од Струга која имаше и пригодни подароци за учесниците.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top