Лицата со телесен инвалидитет од Охрид ги одржаа традиционалните спортски игри

Волјата, истрајноста, упорноста на крајот победува се, па дури и телесниот инвалидитет. Ова денес како и многу пати досега го докажаа лицата со телесен инвалидитет од Охрид одржувајќи ги традиционалните спортски игри. Велат дека инвалидитетот кој го имаат не може да ги спречи да бидат добри спортисти. Потсетуваат дека иако игрите се по повод светскиот ден на лица со инвалидитет, тие се рамноправни граѓани во текот на целата година и дека така треба да се чувствуваат и во останатите 364 денови.

 |  Мишел Наумоски  | 

Волјата да се успее, силата да не се предадат во најтешките моменти, упорноста и истрајноста го помагаат дури и телесниот инвалидитет. Дури и скептиците денес би можеле да се уверат во ова ако би ја погледнале желбата и ентузијазмот со кој телесните инвалиди од градов се натпреваруваа во традиционалните спортски игри кои тие ги организираат, а по повод меѓународниот ден на лицата со инвалидитет, 3ти декември. Шах, пинг-понг, пикадо, стрелање со воздушна пушка, табла и домино. Ова се дисциплините во кои луѓето од здружението на лица со телесен инвалидитет, но и лицата со било каков друг инвалидитет од останатите здруженија од градов се натпреваруваа, но пред се другаруваа.

“Овие спортски активности се од ревијален карактер, и имаат голем значај за лицата со инвалидитет, посебно за лицата со телесен инвалидитет, бидејќи тие докажуваат дека во одредени спортски дисциплини сепак можат да учествуваат. Телесниот инвалидитет не им смета да бидат добри шахисти, да бидат добри во табла, во домино, па некои и во пинг-понг.” -за ТВМ изјави Венко Голабоски од Здружение на телесни инвалиди “Мобилност”

Голабоски вели дека и тие го одбележуваат Меѓународниот ден на лицата со инвалидитет, но не со свечености како да е тоа најзначајниот ден, туку во духот на испраќање порака дека тие треба да се чувствуваат како рамноправни со останатите граѓани во текот на целата година.

“Сакаме само да им напоменеме дека ние нашите права треба и си ги остваруваме односно треба да се чувствуваме рамноправни граѓани со другите граѓани, не само на локалната заедница и во нашата општина туку во целата држава па и светот. Ете затоа е овој светски ден, не да се празнува да се слави, да се дигаат некои посебни помпези туку да се внимава или ќе речам по охридски, да се става дикат на оваа категорија на луѓе.” -додава  Голабоски.

Денешните спортски игри на сите лица со некаков тип на инвалидитет се одвиваа во рамките на просториите на Здружението “Мобилност”, а беше одигран и ревијален фудбалски натревар, но и мал коктел со кој беше заокружено нивното денешно спортско дружење.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top