Избледени пешачки премини – опасност за пешаците

Охриѓани реагираат дека бојата на пешачките премини на дел од улиците во градов е избледена. Тие сметаат дека со тоа се доведува во опасност безбедноста на пешаците. Од Локалната, вината ја посочуваат на несовесните возачи кои веднаш по обележувањето се движеле по сообраќајниците, но ветуваат дека за брзо време ќе пристапат кон нивно повторно означување.

 |  Билјана Николоска  | 

Необележените пешачки премини опасни за пешаците. Граѓани деновиве до редакцијата на ТВМ но и на социјалните мрежи реагираа дека на дел од улиците во Охрид има необележани пешачки премини. Белата боја  избледела, а нема ниту сообраќаен знак дека токму тука граѓаните може да ја поминат улицата. Посебно ја посочија ул „Питу Гули“ на пресек со „1 Мај“ како и на потегот кај Општа Болница Охрид. Портпаролот на Секторот за комунални дејности Љупчо Танески, тврди дека посочените пешачки премини биле соодветно одбележани со квалитетна боја која се користела при обележувањето.

„Ул „Питу Гули“, по целата должина беше предмет на реконструкција годинава и повторно се пристапи кон поставување на хоризонталната сигнализација, беа обележани дел од премините, но заради фрекфентноста на улицата веднаш по бележењето тоа беше детектирано од страна на локалниот општински инспекторат, моторните возила почнаа да се движат веднаш по бележењето, а настапи и еден врнежлив период, со што се изгуби квалитетот на бојата“.- вели Танески.

Необележаната хоризонтална сигнализација на сообраќајниците може да биде и тоа како опасна по безбедноста и животот на пешаците, особено ако се земе предвид фактот дека тие се ранливи учесници во сообраќајот дури и на добро обележаните пешачки премини, укажуваат граѓаните. Дел од прашањата се однесуваат и на тоа, кој ги контролира изведувачите дали одговорно си ја завршиле работата во однос на сообраќајната безбедност на граѓаните.

„Повеќе би рекол дека ова прашање е упатено кон секторот за јавни набавки со оглед на тоа што тие ја изработуваат по наши податоци спецификацијата на тендерската документација при објавување на една јавна набавка, меѓутоа строго се води грижа за квалитетот и параметрите на боите кои се користат“- додава Танески.

Пример за необележани пешачки патеки во градов има повеќе. Танески вели во најскоро време доколку дозволат временските прилики ќе пристапат кон повторно обележување на критичните точки со цел пешаците да имаат увид во пешачката патека и истата слободно да ја користат.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top