Жителите од Лескоец бараат раскопаната ул. Илија Смически да се асфалтира

Жителите  на ул „Илија Смически“ од село Лескоец“, во лето голтаат прашина, кога врне газат во кал, поради неасфалтираната улица која веќе една година се реконструира. Трпението кај мештаните попушта, а надлежните ветуваат дека набрзо проблемот целосно ќе биде надминат.

 |  Биљана Николоска  | 

Улицата „Илија Смически“ во село Лескоец охридско, сеуште е раскопана. Сликата која ја регистрира нашата камера кажува  за катастрофалната состојба во која се наоѓа оваа улица во моментов, долга 1000 метри. Жителите се жалат дека неасфалтираниот пат е проблем и за нив и за возилата, а со истиот се соочуваат веќе една година. Дворовите во лето им биле полни со прашина а во зима пливале во вода и кал. Не ретко се случувало возилата или камионите кои поминуваат по тој пат да пропаднат во дупките па биле принудени да викаат влечна служба да ги извадат.

„Овде јас не занм колку вода имам потрошено, срамота е некој да влезе во куќава, ова не било ниту ќе биде. Патов никој не се интересира да го направи, олку време. Не се работи“ –вели Анѓеле Великоски, жител на Лескоец

Мештаните посочуваат дека она што се работи се изведува неквалитетно, и дека не се постапувало согласно пропишаните стандарди за асфалтирање на пат.

„Јас 20 години работав во Гранит во источна Македонија од Велес, Градско, па натаму. Но како правевме, стававме прво шљунак, па валиравме, па стававме емулзија да се лепи асфалтот, па асфалт, така се работи а не како овде ни ја носат црвеницава“.- додава Великоски.

Тие бараат поголема професионалност од екипите кои асфалтираат и час поскоро патот да им биде направен. Од Секторот за комунални дејности, велат дека пред да се отпочне со реконструкција на коловозната лента на улицата, во соработка со Министерствот за транспорт и врски,
општина Охрид реализирала проект за поставување  нова фекална канализација, која целосно била завршена. Следувало реализација на втората фаза која вклучува трампонирање и нејзино финално асфалтирање.

„Во однос на градежните активности кои што се вршат во моментов на оваа улица, сакам да истакнам дека се вршат испитувања на збиеноста на поставениот материјал по поставувањето на фекалната канализација и од таму се појавени дупките и пореметување на сегашниот неасфалтиран коловоз на патот но со понатамошните градежни активности кои следуваат сите непријатности ќе долж ул „Илија Смически“ ќе бидат надминати, појаснува  Љупчо Танески од Сектор за комунални дејности улици и сообраќај.

Вкупно за реконструкција на ул „Илија Смически“ предвидени биле се 5,6 милиони денари, а истата ќе се асфалтира наредниот месец, односно октомври како што информираат од секторот за комунални дејности улици и патишта.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top