Жестока расправа за изградба на мала марина на старото пристаниште

Мала марина, но голема дискусија. Информацијата за физибилити студија за оправданост од воспоставување на договор за јавно приватно партнерство за изградба и управување со „мала марина“ на локација мало пристаниште во Охрид, предизвика лавина од реакции во градскиот совет. Реагираа опозиционерите, ама и некои од позицијата.   Сметаат дека со изградба на марина на овој простор се загрозува животната средина, се деградира просторот и се губи автентичноста на Охрид. За градионачалникот овие забелешки се само политичко поентирање и ништо повеќе.

 |  Лионела Јаковлева  | 

Ресторан од полузатворен тип и мала марина треба да никне на пристаништето кое се наоѓа наспроти хотел Палас. Ова е предвидено со физибилити студијата која на барање на Општина Охрид ја изработи консултантската фирма Таргет од Скопје. Денес информацијата за физибилити студија за оправданост од воспоставување на договор за јавно приватно партнерство за изградба и управување со „мала марина“ на локација мало пристаниште во Охрид беше обелоденета пред градските избраници. Тоа предизвика лавина дискусии во кои главни актери не беа само опозиционерите туку и некои од позицијата. Јован Стојаноски, координаторот на советничката група на СДСМ со забелешка дека материјалите за физибилити студијата доцна им биле доставени, а со тоа бил прекршен деловникот за работа. Наместо седум дена пред седницата тие им биле доставени пред пет дена. Тој додааде дека еден ваков сериозен проект бара и сериозен пристап.
„Како политичка партија ние не сме против да се гради едно такво пристаниште но таа постапка треба да помине во една поширока елаборација со граѓаните и со експертските служби а не само врз основа на една физибилити студија направена од една консултантска агенција да се донесе одлука да се гради една ваква марина и тоа по пат на јавно приватно партнерство. Ако нешто е исплатливо исплатливо и за општината ппсебно во ситуација кога пред еден месец имавме ребаланс на буџет и кога стигнаа средства од продажба на имот ние можевме да влезиме во изградба на одредени капитални проекти за градот.“ истакна координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.
Реконструкција на старото пристаниште е потребна и тука нема никакава дилема, рече советник од ВМРО ДПМНЕ  Дејан Паноски. Но реализацијата на еден ваков проект би бил само хедонистичко однесување.
 
„Проблемот е во тоа што тој појас кој е под заштита на УНЕСКО не смее да се експериментира и не смеат да се градат градби кои го нарушуваат идентитетот на Охрид и кој ја нарушуваат визурата. Од тој аспект јас повикав да се согледаат сите еколошки аспекти и да се види дали ќе биде загрозен квалитетот на водата. Не смее да дозволиме да се деградира езерото на било кој начин.“ дециден е советникот Дејан Паноски.
Војната меѓу екологијата и економскиот развој е присутна насекаде во светот, подвлече Паноски. Но овде е факт дека Охрид е заштитена целина и тука не смееме да експериментираме. Постојат развојни зони каде штотреба да се гради. Јас не сум против изградбата на марина но таа треба да биде добро осмислена и да биде најдено најсоодветно место за тоа, додаде тој. Не сум против економскиот развој на градот и против тоа да се гради, но треба да се мисли и на иднината на овој град кој мора да си ја зачува автентичноста доколку сакаме и понатаму светот да не препознава, рече Паноски.
Дел од советниците од опозицијата кои дискутираа на говорница рекоа дека идејата за изградба на мала марина на пристаништето наспроти Палас и изградбата на угостителски објект не е ништо друго туку задоволување на нечии лични интереси. Подвлекоа дека тоа нема да биде марина во вистинска смисла на зборот туку само паркиралиште за оние кои имаат пловни објекти и кои ќе пијат кафе во објектот кој би се изградил таму. Градоначалникот Никола Бакрачески на тоа рече дека говорницата се злоупотребува и се користи за ситнополитички цели и за дневен маркетинг и дека голем дел од советниците воопшто не ја разгледале или не ја разбрале физибилити студијата за малото пристаниште.
„Јас не знам кој е тој начин за однапред да се знае кој ќе биде најповолниот понудувач. Јас не се занимавам со такви работи. Можеби некој има искуство за местење на тендери па се уплашил дека и сега ќе се случи нешто такво. Јас немам искуство и не ми е попзнат начинот како се мести тендер и не можам да коментирам на нивните прозивки.“ рече градоначалникот.
Градоначалникот кажа дека нивната основна цел со изградбата на малото пристаниште е да се зголеми атрактивноста на Охрид. Бакрачески додаде дека тие како локална власт при изготвувањето на проектите строго водат сметка да нема деградација на животната средина и дека тоа впрочем е и нивна законска обврска. На говорницата градоначалникот јавно ги спротистави ставовите со советникот  од ВМРО ДПМНЕ,  Дејан Паноски, кој пак рече дека тоа не значи никаква конфронтација и дека спротивните ставови се предност, а не мана.
После тричасовна бурна расправа оваа точка од дневниот ред беше изгласана со 12 гласа за, двајца воздржани и девет против. Изгласани беа и предлог одлуките за усвојување на годишните извештаи за работата и материјално – финансиското работење во основните и средните училишта во градов како и  предлог одлуката за усвојување на елаборатот за проценка на штети од град настанати на подрачјето на општина Охрид на ден 04.08.2015 година.

 

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top