До крај на месецов ќе се објави оглас за реконструкција на кејот

Огласот за избор на фирма која ќе го реконструира кејот Македонија чека зелено светло од Советот за јавни набавки. Идејното решение и главниот проект се готови. Јавноста немаше можност да види како е замислен новиот лик на кејот но според зборовите на првиот човек на градот со охридскиот кеј нема место за експериментирање и мора да ги задоволува стандардите како и да не го нарушува еко системот на езерото.

 |   | 

Постапката за реконструкција на градскиот кеј се одвива според утврдената динамика, велат од локалната. Изработени се идејно решение и главен проект и започната е постапката за распишување на јавен повик за избор на оператор за извадување на предвидените градежни работи, информираат од локалната.  Се чека огласот да добие согласност од Советот за јавни набавки , независно владино тело, а тоа може да потрае од 2 до 4 седмици. 

Во декември минатата година од локалната самоуправа најавија дека ќе се реконструираат грдскиот кеј и плоштадите Крушевска Република и Св Климент Охридски, а целта е да се збогати туристичката разгледница на Охрид, да создаде привлечни места за прошетки и одмор на охриѓани и бројните гости од земјава и странство. Реконструкцијата на кејот има уште еден поважен момент. Имено, анализите на стручни служби од локалната покажале дека статиката на кејот е доста нарушена изминативе години и дека на делови од фронтот доаѓа до попуштање и има значителни оштетувања, кои што во иднина би претставувале и опасност за минувачите.

Идејното решение за новиот лик на кејот го изработија архитекти вработени во општината откако на почетокот на јуни годинава од локалната обелоденија дека општинската комисија ги отфрлила сите пристигнати идеи на надворешни архитекти за новиот лик на кејот со кусо образложение дека биле мегаломански со масивни платформи во вода. Главна насока била познатото градско шеталиште да има автентичен лик и да се вклопува во изгледот на градот.  Но како што кажа градоначалникот Бакрачески при изработката на проектот посебно се внимавало да не се нарушува природниот еко систем на Охридското Езеро. Со охридскиот кеј не смее да се експериментира и истиот мора да ги задоволува стандардите и барањата на експертите, е ставот на градоначалникот.
Скоро паралелно со огласот за идејни решенија за кејот одеше оглас и за двата плоштади. За судбината на овој оглас не успеавме да дознаеме ништо поконкретно иако во повеќе наврати од декмври минатат година до денес твм бараше информации од локалната.

Последно во врска со замислата за реконструкција на плоштадите како одговор од локланта го добивме следниот став.

„Реконструкцијата на плоштадите „Св. Климент Охридски“ и „Крушевска Република“ не е влезена во програмата за 2015 година, а целта на распишаните огласи за изработка на идејни решенија беше со цел да се види  дали постои неопходност за брзи постапки и дали е подобро прво да се процени,  во каков обем и со колку средства би се реализирал овој проект. Решението за  фонтаната на плоштадот „Крушевска Република“ ќе  биде дел од целосниот проект  за реконструкцијата на плоштадот.„ – стои во писмениот одговор од локалната самоуправа.

Со менувањето на ликот на двата охридски плоштади, и кејот “Македонија“ намерата на локалната е централното градско подрачје да стане попривлечно и пријатно место  како за охриѓани така и за гостите.  Таткото на градот уште кога ја најави оваа замисла кажа дека за локалната е посебно важно  експертското мислење на архитекти, градежни инженери и сите останати кои се инволвирани во архитектонско и урбанистичко решавање на инфраструктурата во градот да бидат вклучени во изработка но и избор на најдоброто можно решение.  Градоначалникот додаде дека и граѓаните ќе имаат можност да сугерираат најдобри можни решенија. Но граѓаните барем досега не добија таква можност ниту пак го видоа изготвеното идејно решение за Кеј Македонија.

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top