Градските избраници вистински маратонци на преобемни седници

Седниците на совет тест за концентрацијата на советниците. Дневниот ред со повеќе од 60 точки што веќе стана пракса во работењето на советот го намалува квалитетот при донесувањето на одлуките, велат дел од советниците. Претседателката на совет објаснува дека за да се намали бројот на точките треба да се зголеми бројот на одржани седници во текот на еден месец.

 |  Лионела Јаковлева  | 

Седниците на совет, филмски маратон. Обременети со повеќе од 60 точки преставуваат вистински тест за концентрацијата на советниците. Предпоследната седница  имаше дури над 70 точки. На последната седница  која се одржа пред два дена на дневен ред беа ставени 64 точки. Од кога градските избраници се истрошија со бурни расправи на првата точка на која се дискутираше за физибилити студијата за изградба на марина на малото пристаниште, преку останатите 63 само прелетаа иако поголем дел од нив беа извештаи за финансиското работење на основните и средните училишта во градов. Советникот Јоне Станкоски од ВМРО НП, вели дека ваквиот принцип на работа се применувал повремено и во минатите состави на совет, но веќе станал пракса на овој Совет.

Квалитетот на седниците ќе биде многу подобар доколку имаме помал број на точки на дневен ред. Очигледно е дека на секоја власт и на сегашнава, но и на тие прертходно им одговара да ставаат што повеќе точки на дневен ред и да поминат со што помалку расправа особено точките од сферата на урбанизмот, вели Станкоски.

На ваков начин се замолчува опозицијата, смета Станкоски, а и се избегнуваат и медиумите кои поради своите обврски во информативните куќи не можат да седат до крај на седниците кои понекогаш траат и до доцните вечерни часови, објаснува тој. Сличен став околу ова прашање има и советникот од редовите на ЛДП, Дејан Блажески.

Најсуштествените точки од дневниот ред се ставаат на крај посебно од урбанистичката сфера и советниците во една изморена атмосфера расправаат за нечии судбини на еден непрофесионален начин бидејќи драгоцено време се губи при усвојувањето на дневниот ред и некои тривијални теми, а за она што е суштина на седницата многу малку се дискутира, вели советникот од ЛДП, Дејан Блажески.

Советничката од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Јованка Дамоска Секулоска вели дека веќе се навикнати на ваков начин на работа и на обременет дневен ред. Таа објаснува дека голем дел од работата се завршува на состаноците на комисиите.

Се расправа на комисиите каде се водат конкретни дискусии за дадена точка и таму се носат одредени заклучоци кои потоа на седница се соопштуваат и врз основа на тие заклучоци се гласа по некоја точка, вели Дамоска Секулоска.

Дамоска Секулоска кажува дека доколку во некој момент почуствувале дека поради обемноста на седниците им паѓа концентрацијата или пак почуствувале замор сугерирале до претседателката да се даде пауза или пак да се одложи седницата. Претседателката на совет Гордана Коњаноска вели дека Советот работи по однапред утврдена програма која ја носат советниците.

Начинот да биде бројот на точки на дневен ред намален е еден и единствен а тоа е да се закажуваат повеќе седници во текот на еден месец. Ако погледнете споредбено со останатите Локални самоуправи, Охрид има одржано речиси најповеќе седници за овие изминати 24 месеци. Имаме одржано 48 седници и речиси секој втор месец се држат по две седници, вели Гордана Коњаноска, претседател на Совет.

За ова има простор за разговор, вели претседателката на Совет и доколку поголемиот дел од советниците се изјаснат дека сакаат да има повеќе седници, а при тоа дневниот ред да биде пократок тоа може во иднина да се реализира.

{loadpostion content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top