Голем интерес на охриѓани за проектот „Купи куќа за млади“

Голем интерес кај охриѓани за проектот Купи куќа за млади. Од страна на претставниците на министерството за финансии беа презентирани погодностите на проектот и условите за аплицирање преку една од двете можности односно субвенционирање на месечна рата и субвенционирање на учеството. Општина Охрид со цел подобра имплементација на проектот на заинтересираните охриѓани им нуди три опфати на земјиште за градба на домот од соништата.

 |  Мишел Наумоски  | 

Охриѓани со голем интерес околу условите кои се нудат со владиниот проект „Купи куќа за млади“. Тие лично од претставниците на министерството за финансии слушнаа што се е потребно и какви им се можностите да дојдат до решавање на едно од најважните животни прашања, станбеното прашање. На младите охриѓани им стојат на располагање два модели за решавање на станбеното прашање,  субвенционирање на меечата рата и субвенционирање на учество. Според пресметките младите можат да добијат до 33 000 евра неповратни средства.

„Има поволни услови, само да видиме како ќе е со рати, вработен-невработен, примања. Мислам дека добри се условите, па да се проба.“
„Сме заинтересирани за оваа работа и сакаме да видиме и ако може да успееме.. „Млади сме, ни треба дом, знаеш како е.“ -велат дел од присутните на презентацијата на проектот.

Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески проектот „Купи куќа за млади“ го оцени како еден од најдобрите проекти во земјава со кој многу млади брачни парови би можеле да си го решат станбеното прашање. Во делот на делување на општината, Спасески потенцираше дека тие работат на изработка на општи акти за село со оглед на фактот дека најголемиот дел од територијата на општината припаѓа на селските населби.

„Се работи за одличен проект, благодарност до Владата на Република Македонија, што и ние како општини не сме оставени сами на себе при реализацијата на овој проект, затоа што при трите споменати опфати комплетната инфраструктура која треба да се гради, Владата на Република Македонија обезбеди средства со кои што ќе ја изгради потребната инфраструктура, и на тој начин директно ќе ни помогне нас како општини во доследната реализација на овој проект. Се надевам дека охриѓани ќе можат потпомогнати од општина Охрид, ќе можат да ги искористат сите бенефити кои ги нуди овој проект.“-вели Спасески.

Спасески вели дека заинтересираните граѓани се поделени на три групи и тоа оние кои имаат своја куќа дали со одобрение за градба или легализација, а сакаат доградба, граѓани кои имаат свое земјиште и сакаат да градат како и граѓани кои немаат свое земјиште, а се заинтересирани да го купат. За последната категорија, тој вели дека нудат три интересни опфати и тоа во населбата „Радојца Новичиќ“ каде се планира типска населба, потоа во атарот на с. Долно Лакочереј кај местото Вишо и плацеви во с.Сирула.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top