Второ рочиште за двојното убиство во Император

Денеска во Основниот суд Охрид продолжи судењето за двојното убиство во угостителскиот објект Император што се случи во август минатата година. На второто рочиште беа сослушни исказите на  6 сведоци. Двајцата осомничени за убиството на Ѓузелоски и Ристески се изјаснија како невини на предходното рочиште.

 |  Биљана Николоска  | 
osnoven sud

Денес во Основниот суд во Охрид се одржа второто рочиште за случајот со убиството во Император кое се случи 21ви август минатата година. На денешното рочиште беа сослушани неколку сведоци од кои двајца од специјалната единица Алфи од Скопје. Тие во периодот кога се случи овој настан биле на испомош во Охрид, односно со посебна наредба за задачи од Скопје во Охрид за вршење службена дејност. Имено, според нивните искази таа вечер легитимирале лица во близина на градскиот пазар, кога во еден момент добиле дојава преку радиостаница од СВР Охрид дека во еден  угостителски објект се случило убиство. Тие ја опишуваа потрагата што таа вечер се одвивала низ охридските улици по патничко моторно возило марка БМВ во кое наводно биле осомничените за убиството. Како што е познато, второобвинетиот во случајот беше приведен од полицијата неколку часа по пријавувањето на случајот, додека првообвинетиот таа ноќ успеа да побегне по што му се изгуби трагата .По распишана меѓународна потерница, тој на 12 февруари годинава по 6 месеци по убиството, беше уапсен во Албанија, а подоцна екстрадиран во Македонија.   Исто така во врска со настанот кој минатото лето ја потресе охридската јавност денес беа сослушани и 4 сведоци кои биле таа кобна вечер гости во ресторанот. Според нивните изјави не можеше да се добие впечаток дека истите знаат детали за случувањата, односно кажаа дека слушнале кршење на стакло, се створила гужва па потоа истрели но сите тие го напуштиле објектот.  На предходното рочиште двајцата обвинети за  убиството на Ѓузелоски и Ристески во Император, пред Судскиот совет, се изјаснија како невини. За два дена се очекува третото рочиште и сослушување на други сведоци. Рочиштето го водеше судијката Билјана Белеска- Пројкоска.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top