Во седум охридски села водата забранета за употреба

Во седум охридски села водата забранета за употреба со решение на агенцијата за храна и ветеринарство. Причината е недостаток на хлор. Во примероците на вода од селскиот водовод во Куратица биле пронајдени и бактерии. Месните заедници проблемот го лоцираат во нерегулираниот правен статус кој го имаат, поради што не можат да преземат активности за хлорирање и следење на квалитетот на водата во селските водоводи.

 |  Биљана Николоска  | 

Во седум охридски села, Косел, Вапила, Опеница, Завој, Куратица, Ливоишта, Сирула водата микробиолошки и хемиски неупотреблива за пиење и готвење. Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за користење на водата во овие села поради отсуство на хлор. Директорот на Центарот за Јавно здравје Атанаско Михаилов, укажува дека тие редовно еднаш во месецот го испитуваат квалитетот на водата во сите МЗ и Анализите ги доставувале до Агенцијата.

„Во тие села за кои што е издадена забраната е констатирано дека водата која што се користи од селските водоводи  е не  хлорирана или во неа има патогени микроорганизми кои што се со закон забранети да ги има во водата за пиење. Проблемот не е од сега тој се провлекува долг низ на години и водата постојано се укажува дека не смее да се употребува за пиење“- вели  д-р Атанаско Михаилов – директор на Центар за јавно здравје.

За ваквата состојба со неквалитетната вода за пиење, од МЗ Куратица и од другите охридски засегнати села, реагирале уште во август месец, годинава, кога бил одржан состанок со инспекторите за храна и ветеринарство. Тие укажале дека не можат сами како МЗ да ја хлорираат водата, да водат записници, да имаат стручно обучено лице и дополнително резервоарите да бидат оградени, од причини кои претседателот на МЗ Куратица, Горан Ангелоски ги изнесе пред камерата на ТВМ.

„За една МЈЗ да го одржува водоводот прво нема правен статус на кој начин би вршела наплата на средствата, едно од моите мислења интервентно што може да се направи е градоначалникот да ни излезе во пресрет да се обезбедат пумпи за хлорирање и месечно да одвојуваме одредената количина хлор која би ја ставале и најмалку на едно лице да се изврши обука кое ќе врши евиденција за водата“.- вели Горан Англоски – претседател на МЗ Куратица.

Ангелоски информира дека село Куратица уште пред две години добило еден од проектите за реновирање на  изворите. Тоа и го направиле сметајќи дека проблемот ќе се надмине, но за жал се покажало оти клучна улога за исправноста на водата е хлорот, што како МЗ не можеле да го преземат како обврска. Мештаните на охридските села кои се соочуваат со овај проблем очекуваат да се најде заедничко решение со помош на градоначалникот.  Но се предлага и алтернативно решение.

„Друга опција, по мое мислење, за што е дискутирано и со селаните, во краен случај, водоводот да си го преземе стручна фирма која исклучиво ќе управува со водоводот“.-додава Ангелоски.

Претседателот на МЗ Куратица кажа дека во еден наврат се обиделе да набават хлор, но тоа за нив било прескапо, бидејќи плаќањето на вода за употреба во МЗ било доброволно. Ангелоски нагласи дека пред две години сите месни заедници од Охрид потпишале петиција, и преку Локалната власт и охридските пратеници покренале иницијатива за враќање на правниот статус на МЗ. Досега за оваа иницијатива немаат конкретен одговор. Во меѓувреме претседателите на месните заедници се што можат да направат е да ги информираат мештаните да бидат внимателни при употребата на водата и да ја превриваат доколку ја употребуваат за пиење.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top