Започна реализацијата на проектот за просторот кај некогашната библиотека. Градоначалникот Петрески тврди дека нема да има никакво отстапување од него.
На просторот кај старата библиотека нема ништо да се гради, вели градоначалникот Александар Петрески. Гласините кои деновиве провејуваат низ охридската чаршија се само шпекулации, додава тој.
На овој простор веќе започна реализацијата на заедничкиот проект на Локалната самоуправа и Заводот за заштита на спомениците. Пред изготвувањето на проектот Завод и музеј изготви заштитно- конзерваторски основи за урбанизација на тој дел од градот. Со нив беше предвидена реконструкција на јужната кула од Долна порта и дел од периметралните ѕидови од подградието на Самоиловата тврдина кои што се протегаат се до улица Коста Абраш, односно до приобалниот дел.
Во планот е предвидено овој дел од градот да биде оплеменет со зеленило и клупи за седење како охриѓани би добиле едно пријатно катче за одмор.
Градоначалникот Петрески се залага на овој простор да се постави споменик од Христо Узунов бидејќи во градов нема никакво обележје за овој охридски револуционер. Причина повеќе за ваквата иницијатива на Петрески е што и родната куќа на Узунов се наоѓа во близина на некогашната библиотека.
Инаку за потсетување, зградата на библиотеката беше срушена оваа пролет по што набрзо требаше да се изгради новиот плоштад. Работите доцнат речиси половина година. Остранува да видиме со кое темпо сега ќе се реализира изготвениот проект.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град