Просторот помеѓу улиците Коста Абраш и Цар Самоил и ова лето тесно грло. Непрописно паркирани возила ја стеснуваат улицата и им оневозможуваат на жителите од овој дел на градот да си одат дома. Полицијата сеуште само ги опоменува прекршителите. Крајно време е и да почне да казнува.
Просторот помеѓу улиците Коста Абраш и Цар Самоил повторно преполн со паркирани возила. Жителите на Стар град често пати не можат да си дојдат дома, бидејќи улицата е блокирана од паркираните автомобили. Иако од Секторот за комунален развој при Локалната самоуправа уште минатото лето беа поставени два знаци за забрането запирање и паркирање и од едната и од другата страна на спојката, непосредно до ресторанот Чун, несовесните возачи упорно ги игнорираат и не ги почитуваат. Во вакви случаи кога се прекршуваат сообраќајните знаци, обврската за постапување е во рацете на сообраќајната полиција. Од таму, барем досега, проблемот го решаваа со изрекување на усни и писмени опомени, но без изрекување на парични казни. Но како што може да се примети предупредувањата немаат ефект врз возачите.
Можеби крајно време е, од Секторот за внатрешни работи од Охрид да пристапат и кон казнување на прекршителите и нивно парично санкционирање. Можеби тогаш, оваа мала спојка, но значајна за оние кои живеат во Стариот дел на градот, но и за туристите кои во летниот период престојуваат во овој дел, ќе биде слободна за движење, а не блокирана со автомобили.
Граѓаните предлагаат на овој потег што почесто да патролира полицаец кој ќе става ред при неправилно паркирање на возилата, а тука секако е и пајак службата која позасилено треба да работи. Доколку некој се испече и го чини неколку илјади денари за да си го земе возилото кое му го кренало пајкакот ќе се подзамисли дали повторно ќе паркира каде што не треба.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град