Протестите продолжуваат во понеделник

На улиците на Скопје, Битола и Струмица протестираа илјадници граѓани

 |  инфодеск  | 

Здружението „Протестирам“ на социјалните мрежи информира дека денеска протести нема да има, а со протести ќе продолжат утре.
„Соборци и соборки, изминативе денови беа интензивни и напорни, но и охрабрувачки. Наместо денес, со протести продолжуваме утре (понеделник) во 18 часот, побројни, покоординирани и со нови сили и енергија. Нема правда, нема мир!“ – пишуваат од „Протестирам“.

На улиците на Скопје, но и во Битола и Струмица, илјадници граѓани во сабота попладне повторно побараа оставка од претседателот Иванов поради одлуката за амнестија.

Со извиците „Нема правда, нема мир“ и „Оставки“ илјадници граѓани петти ден по ред го изразија својот револт од одлуката за амнестија што ја донесе претседателот Иванов.

Протестите, освен инцидентот кај Триумфалната порта, кога човек, од страна на демонстрантите оценет како провокатор, удри девојка која сакаше да направи графит, минаа мирно.

Приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ, во саботата, не организираа контрапротести. Протести против амнестијата на Иванов #протестирам денеска ќе се одржат и пред македонската амбасада во Вашингтон, САД. Иселениците на овој начин сакаат да им изразат поддршка на своите сограѓани во Македонија, јавува Дојче Веле.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top