Надомест ќе добијат и ранетите полицајци и учесниците во акцијата
Владата одлучи семејствата на припадниците на полицијата кои загинаа во борбите за неутрализирање на терористичката група во Куманово да добијат по 70.000 евра, а надоместоци ќе добијат и повредените и другите учесници во операцијата. Според владината одлука донесена на седницата во понеделникот доцна вечерта, на загинатите припадници на полицијата кои биле во брак, половина од сумата на надоместокот ќе биде доделен на сопругата, а половина на родителите на полицаецот.
Во одлуката, која беше донесена доцна синоќа, стои дека на најтешко ранетиот полицаец ќе му биде доделен надомест од 40 000, додека четворицата полицајци кои се тешко повредени и се хоспитализирани на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување во Скопје, а се под интензивно лекување, им се доделува финансиски надомест од 35 000 евра по полицаец, во денарска противвредност. На деветнаесетте полицајци кои се веќе оперирани заради потешки повреди или, пак, имаат потешки повреди, според владината одлука, ќе им биде доделен финансиски надомест од 25 000 евра по полицаец, a на преостанатите тринаесет полицајци кои беа повредени и ранети во акцијата да им се додели финансиски надомест од 15 000 евра по полицаец.
Финансиски надомест од по 10.000 евра по припадник ќе им биде доделен на припадниците на Единицата за специјални задачи и на припадниците на Единицата за брзо распоредување, како и на припадниците на хеликоптерската единица кои учествуваа во акцијата, и на професионалците од штабот кои раководеа со акцијата во Куманово, соопшти Владата.
Владата одлучи на медицинскиот персонал ангажиран во време на полициската акција во Куманово, во Ургентниот центар на Комплексот клиники Мајка Тереза, во Општата градска болница 8 Септември – Скопје, во Универзитетската клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски – Скопје, во Општата градска болница во Куманово, во Итната медицинска помош во Скопје, во Итната медицинска помош во Куманово, и тимовите од итната медицинска помош од Штип, Велес и Свети Николе ангажирани во Куманово, да се додели финансиски надомест во висина од една месечна плата по медицински работник.
На истата владина седница беше одлучувано и за хуманитарната помош, при што Владата формираше комисија за процена на оштетувањата на недвижниот и движен имот во местото каде што се одвиваше акцијата, која во рок од 7 дена треба да излезе на терен и да подготви и достави до Владата извештај за процената на штета. Комисијата е составена од претставници на Владата и Општина Куманово. Владата зазема став да се изврши обесштетување на недвижниот и движен имот во висина од 100 отсто од проценетата штета наведена во извештајот од комисијата.
Владата одлучи на семејствата чиишто домови се оштетени во акцијата во мерка која не дозволува услови за престој во нив, да им се обезбеди сместување во време на периодот потребен за санација на нивните домови, или пак во истиот период додека трае санацијата да добиваат финансиски надомест за закуп на простории (кирија) за живеалишта. Владата одлучи на овие семејства да им додели и првична еднократна хуманитарна помош во висина од 100 000 денари по единица оштетен дом во мерка која не дозволува услови за престој.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град