Мандатарот Зоран Заев предложи 17 имиња за идни министри

Заев ќе бара од СЈО да каже дали за некој од новата влада се води кривична постапка

 |  инфодеск  | 

Мандатарот Зоран Заев вечерва предложи 17 имиња за идни министри. Најави дека ако стигнат, веднаш ќе ја поднесат предлог програмата и составот до Собранието. Претходно ДУИ ги објави своите седум предлози, а се чека и на двата од Алијансата за Албанците. Беса одлучи да не биде дел од Владата.
Седумнаесет имиња за министри предложи вечерва мандатарот Зоран Заев од редовите на СДСМ и коалиција, но меѓу кои има и непартиски имиња. На прес-конференцијата по Централниот одбор на партијата Заев соопшти дека ги предлагаат следниве имиња:

Министер за одбрана Радмила Шеќеринска, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи Никола Димитров, за труд и социјална политика Мила Царовска, за финансии Драган Тевдовски, за образование и наука Рената Десковска, за земјоделство Љупчо Николовски, за транспорт и врски Горан Сугаревски, за култура Роберт Алаѓозовски, за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски. За министри без ресори тој ги предложи Кочо Анѓушев, Роберт Поповски, Едмонд Адеми, Андан Ќахил, Зорица Апостоловска, Самка Ибраимовски и Зоран Шапуриќ.

Тој најави дека ќе прати писмо со барање до Специјалното јавно обвинителство за одговор дали за него или за кој било член од неговиот кабинет се води кривична постапка. Ако во иднина се покаже, не само во СЈО, туку и во идното Јавно обвинителство ослободено од партиските стеги, дека ќе се води кривчна постапка за кој било член на владата, тој повеќе нема да биде во кабинетот, додаде мандатарот.

Претходно ДУИ излезе со предлог министри од нивната партија. Доцна вчера тие ги предложија Хазби Лика за вицепремиер задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор, Бујар Османи за вицепремиер за евроинтеграции, Билен Салиу да води со ресорот правда, Садула Дураку за министер за екологија, Куштрим Бектеши за местото министер за економија и Рамиз Мерко за министер без ресор.

Од Беса денеска на нивните партиски тела одлучија да не учествуваат во новата влада оти мандатарот не ги прифатил нивните принципи, меѓу кои спорен се сметаше редефинирање на државата.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top