ДИК заврши со разгледување на приговорите од политичките партии

Почнa да тече 24-часовниот рок за поднесување тужби до Управниот суд

 |  инфодеск  | 

Со четири гласа „за“ и четири гласа „против“ Државната изборна комисија го одби приговорот на Коалицијата предводена од СДСМ за постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите, а со кој се бараше поништување на гласањето на избирачкото место број 2011 во Општина Теарце во Шестата изборна единица.

Претставникот делегиран од ДУИ во ДИК Субхи Јакупи се иззема од гласањето. За прифаќање на приговорот гласаа членовите на ДИК Виолета Дума, Игор Милев, Реџеп Прокупца и претседателот на ДИК Александар Чичаковски, а против Силвана Бонева, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими и Атанас Урумов.

Пред гласањето ДИК изврши проверка на избирачкиот материјал и ги сослуша членовите на Општинската изборна комисија и на Избирачкиот одбор од ИМ во Теарце.

Претходно, ДИК прифати само еден приговор од движењето Беса и поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар. Отфрлени беа пет приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ и седум од Движењето Беса. СДСМ, пак, претходно повлече два поднесени приговора.

По доставувањето на решенијата до партиите учесници на предвремените парламентарни избори на 11 декември ќе почне да тече 24-часовниот рок за поднесување тужби до Управниот суд. Судот, пак, треба да одлучи по тужбите во рок од 48 часа.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top