Ковид 19

Четворица полицајци повредени во протестот во Тетово

Во Тетово денеска се одржа протестен марш. Учесниците побараа одговорност поради 14 загубени животи во пожарот во тетовската модуларна болница, што се случи на 8 септември.
Пожар во болницата во Тетово

Во Тетово денеска се одржа протестен марш од кој учесниците побараа одговорност поради 14 загубени животи при пожарот во тетовската модуларна болница, што се случи на 8 септември.

Собирно место беше градскиот плоштад во Тетово, каде се обрати Бељуљ Бељуљи, кој рече дека е дојден затоа што неговата сестра настрадала во пожарот и затоа „бара одговорноста од целата Владата и градоначалничката” на Тетово, затоа што, според него, било одобрена работа на болницата без потребната документација.

Да не не лажат да изгорат уште луѓе. Сакаме побрзо да се дознае. Мене сестра ми ми изгоре. Да умреше од болест не би дошол овде, било од Господа, ама таа изгоре. Никому да не даде Господ. Барам да се каже што е и како е работата со болницата. Не да не лажат, со недели – изјави Бељуљи.

Фикрет Далипи од Бозовце рече дека од нивното село има две лица кои ги загубиле животите во пожарот и затоа сакаат да има одговорност.

Недела дена и повеќе поминаа никој не презема одговорност, не знаеме и што се случило точно. Немам во блиското семејство изгубено човек, но од нашето селото Бозовце настрадаа две лица. Жал ми е за починатите и повредените. Ние го даваме срцето на доверба кај лекарите, но немаме сигурност, не се знае што може да се случи. Сечеше некој цевки за кислород, дали го фатија, после две недели изгоре болницата, што се прави тука кај нас. Сите големите во Владата треба да понесат одговорност. Влада е милион отсто одговорна за ова. Мора да знаеме од што дошло тоа, ние ги носевме на лекување, а по пет шест дена изгоре болницата, мора да знаеме што се случило – истакна Далипи.

Групата на плоштадот се задржа околу петнаесетина минути и нешто пред 14 часот започна да се движи кон зградата на Општина Тетово. Беа истакнати транспаренти, а една од пораките беше залепена на вратата од општината.

Пред присутните се обрати и Блерим Амеди од Кичево, познат во јавноста од 2019 година кога организираше протести против ДУИ, поради аудио снимките кои на социјалните мрежи ги објавуваше неговиот брат познат по прекарот Ел Чека. Во своето обраќање тој побара одговорност од Владата за пожарот, а потоа зборуваше и за други настани кои политички ги поврза со ДУИ.

При обраќањето посочи дека групата ќе оди до седиштето на ДУИ. На тргнување дел од луѓето почнаа да фрлаат јајца и предмети кон зградата на Општина Тетово. Групата продолжи пеш до Мала Речица со намера да дојдат до седиштето на ДУИ. Одејќи низ градските улици дел од групата извикуваше разни пароли со навредлива содржина.

Откако ја поминаа првата бариера поставена од полицијата, дел од лицата се обидоа преку приватни имоти и дворови да стигнат пред зградата на ДУИ.

Иако дел од групата млади лица се обидоа насила да го пробијат полицискиот коридор, во тоа не успеаја, па се вратија на влезот на Мала Речица, каде одреден период ги убедуваа полицајците да им дозволат да отидат до седиштето на ДУИ. Во еден наврат беше спречен повторен обид на поединци насилно да ја поминат бариерата од полицајци. Потоа дел од групата се врати кон Тетово и го блокираше сообраќајот на булеварите на излезот од градот кон Мала Речица.

Извор/МИА

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top