Семејството на убиениот Димитар Матилоски од Охрид бара правда. И после шест години од убиството на Новогодишната ноќ убиецот српскиот турист Бојан Угреновиќ е на слобода. Меѓународна потерница е распишана во 2021 година, четири години после неговото бегство.
Мајката на Димитар Матилоски, момчето кое на 26 години беше убиено на Новогодишната ноќ, бара правда. Поминаа шест тешки години, полни со болка и тага, а убиецот-српскиот турист Бојан Угреновиќ сеуште е на слобода. Пензионираната учителка Драгица, се сомнева на низа пропусти во судскиот процес.
По барање на судот, МВР распиша централна и меѓународна потерница во 2021 година, четири години после бегството на Угреновиќ.
Јас ќе се борам до крајот на мојот живот правдата да излези на виделина. По се она јас што гледам случајот сакаат да го заташкаат. Меѓутоа тука се виновни Апелација Битола. Сега сум останата јас сама да се борам со сите нив. Правдата мора да излезе, таа знае некогаш да задоцни меѓутоа ќе ги стигни. Јас не знам кој е крив. Сметам дека судската фела ќе го слушне ова мое јавување и дека ќе преземат мерки, ќе преземат санкции против луѓето кои сакаат да го заташкаат случајот. Повторувам 6 години и два месеци убиецот е на слобода, а мојот син на гробишта – вели Драгица Матилоска, мајка на убиениот Димитар Матилоски.
Поради пропусти во судската постапка, повторни судења, измина законскиот рок за притвор, па така Угреновиќ во јули 2017 година беше пуштен да се брани од слобода. Тој не се појави на следното судење закажано за септември истата година, оттогаш не му се знае трага. Не е покрената ниту граѓанска постапка за оштета на семејството, кое со тие пари сакаше да изгради спомен чешма.
Правдата мора да се задоволи јас ќе се борам до последниот здив да се фатат виновниците, кои се криви. Не може неказнето да поминат. Јас сметав дека за овие шест години убиецот ќе бида фатен ќе биде таму каде што му е местото, дека ќе плати психичка оштета, не за мене парите да ги трошам туку сакав на потегот Месокастро каде што живееше Димитар да направам една чешма каде што ќе пијат вода и охриѓани и туристи за да ги потсетува сите на таа 2016 година никогаш да не се повтори – вели Матилоска.
Првичната казна за Угреновиќ беше 16 години, но Битолска апелација два пати ја преполовуваше на осум. По поднесената жалба, Врховниот суд Угреновиќ повторно го осуди на 16 години, но во отсуство. Тој беше во бегство и не одлежа ниту еден ден од затворската казна.
26 годишниот Димитар Матилоски беше претепан на смрт на Новогодишната ноќ во Охрид во 2016 година.
Новинар : Соња Рилковска
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град