Течат фекалии од оштетени канализациони цефки над Античкиот театар

Оштетени канализациони цефки од кои течат фекалии, оставени така повеќе од една година. Веднаш над Античкиот театар при градба на приватен имот која е стопирана оштетени се цефките за канализација, а фекалиите понираат во земјата. Градилиштето е неуредено и небезбедно, граѓаните преку рубриката „Ти си твојот град“ бараат решение на проблемот.

 |   | 

При градежни активности оштетени цефки за канализација и оставени така повеќе од една година. На улицата „Браќа Миладиновци” во Охрид веднаш над Античкиот театар до црквата Богородица Пандонос од оштетени канлизациони цефки течат фекалии.

Овој случај загрижени граѓани го пријавија во рубриката „Ти си твојот град” на ТВМ телевизија.

Ова се случи кога започна градба на објект, кој беше стопиран од Завод и музеј поради пронајдени археолошки наоди. При градежните активности оштетени се цефките за канализација. Фекалии повеќе од една година понираат во земја. Надлежните си ја префрлуваат топката, пријавивме и во Нискоградба, Завод и музеј и Комунален развој, но и покрај нашата пријава никој ништо не презема. Фекалии и смрдеа веднаш до еден од најважните културно-историски споменици во градот е недозволиво и срамно – пишуваат граѓаните во „Ти си твојот град“.

Екипата на ТВМ излезе на терен и ги регистрира оштетените цефки и течењето на фекалии. Стопираното градилиште е потполно неуредно и небезбедно со срушени лимени паравани и расфрлани оштетени цефки.

Граѓаните бараат надлежните да ги санираат оштетените канализациони цефки.

Одговор побаравме од ЈП „Нискоградба” оттаму велат не добиле писмено барање за овој проблем, но и не можат да интервенираат на приватен имот.

До ЈП „Нискоградба“ не е дојдено писмено барање, но по пријава на граѓаните нашите екипи излегоа на терен. Се работи за приклучок кој се наоѓа на приватен имот. Некој градел куќа сакал да се приклучи, но не се приклучил бидејќи куќата ја стопирале. Тој дефект е на приватен имот, а ние немаме право да интервенираме на приватни имоти. Единствениот начин е на терен да излези комуналната инспекција која може да ни наложи да извршиме санација. Комуналната инспекција може да наложи санација на дефектот да го изврши сопсвеникот на имотот. Одлуката е на комуналната инспекција – вели Александар Трпеноски, директор на ЈП „Нискоградба” Охрид.

Граѓаните бараат да се надминат административните бариери и надлежните итно да извршат санација на канализационите цефки за да го спречат излевањето на фекалии, но и да го уредат градилиштето кое е потполно небезбедно за минувачите.

 

Новинар : Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top