Прекината седницата на Совет со спорни точки за легализации на дивоградби

Денешната 8-ма седница на Совет на Општина Охрид беше прекината поради технички причини. Советничката група на СДСМ пред да биде прекината седницата побара пауза за координација по однос на точки на дневниот ред кои се однесуваат на легализации на дивоградби во близина на крајбрежјето и во НП Галичица. Претходно и активистите од ОХРИД СОС побараа спорните точки да бидат повлечени од дневен ред затоа што се на штета на светското наследство и спротивни на препораките од УНЕСКО.

 |   | 

Поради технички причини, проблеми со интернетот, денешната седница на Совет беше прекината. На дневен ред, меѓудругото, беа 30 предлог одлуки за легализација на бесправно изградени објекти меѓу кои и дивоградби на крајбрежјето на Охридското Езеро и во Националниот парк „Галичица”. Координаторката на советничката група од СДСМ побара пауза за координација по однос на спорните точки. Имајќи ја предвид ситуацијата со УНЕСКО, навистина се сериозни и не треба да се брза со вакви точки, рече Живка Ангелоска.

Предлагам да направиме пауза и координација за точките кои се однесуваат на легализации во Коњско, Лубаништа, Пештани и Велестово. Не секогаш треба да гледаме само дали се законските услови исполнети во ситуацијата во која се наоѓаме со УНЕСКО и сметам дека не треба да брзаме. Сметам дека треба да водиме сметка и за ефектите од ваквите легализации. Не преудицирам дека не треба да бидат донесени одлуките, но ќе ве замолам уште еднаш заедно со надлежните служби и координаторите на советничките групи да заземе став по однос на овие точки – истакна Ангелоска.

Претходно реагираа и еколошките активисти од Охрид СОС според кои ваквите легализации се спротивни на препораките на УНЕСКО. Тие јавно побараа точките кои се однесуваат на легализација на бесправно изградени објекти, особено во близина на Езерото, во националниот парк и во сега неурбанизирани подрачја, да се симнат од дневен ред, а процесите да се водат во насока на заштита.

Потсетија дека Советот пред еден месец донесе одлука со која времено се прекинуваат постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти во крајбрежниот појас на Охридското Езеро дефиниран со Планот за управување и во рамките на Студенчишко блато. Доколку се земат само 50-те метри појас што е назначен во Планот за управување и кои се заштитени и со Законот за води, до донесувањето на Урбанистичкиот план за крајбрежје, секако не се дозволува ниту изградба, најмалку легализација, така што Одлуката на Советот е бесмислена и не значи ништо за заштита на вредностите на регионот, велат од „Охрид SOS”.

Членовите на Советот мора да се запознаени со статусот на крајбрежјето, а тоа е дека за крајбрежјето во подготовка е Урбанистички план за крајбрежје со кој ќе се утврдат границите на крајбрежниот појас и согласно тоа, условите за планирање. Дотогаш, било какви постапки во насока на поголема урбанизација во најосетливите предели околу Езерото, може да се сметаат само за спротивни на Планот за управување – велат од ОХРИД СОС.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, во врска со наводите од Охрид СОС истакна дека сите предмети што се доставени до Советот да одлучува по нив се во согласност со Законот за легализација на бесправно изградени објекти и со одлуката на Совет за стопирање на предметите за легализација кои се 50 метри до крајбрежен појас.

Такви предмети ниту се доставиле претходно, ниту на оваа седница беа доставени. За сите предмети коишто се во НП Галичица имаме позитивно мислење добиено и од Националниот парк „Галичица” и од Министерство за животна средина. Од страна на Комисиите констатирани се на лице место бесправно изградени објекти и од страна на архитектите утврдено е дека истите се надвор од зоната 50 метри. Оние предмети коишто се доставуваат до советниците се согласно Законот и Планот за управување – кажа Китески.

Седницата која беше прекината веднаш по паузата за координација на советничките групи ќе биде продолжена во претстојните денови со точките на дневен ред кои се однесуваа на легализации.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top